Владимир Путин првично негираше дека има каква било врска со заземањето на Крим во февруари 2014 година, кога мистериозни маскирани командоси во неидентификувани зелени униформи го зазедоа локалниот парламент и се раширија низ полуостровот.
Тие „мали зелени луѓе“ го означија почетокот на војната на Русија против Украина, која кулминираше со целосна инвазија во 2022 година.
Иднината на Крим сега е во центарот на мировниот план на претседателот Трамп и го натера украинскиот претседател Володимир Зеленски да ја исклучи можноста за признавање на руската контрола врз полуостровот.
Точните услови на планот на Трамп не се објавени, но извештаите сугерираат дека тој ќе вклучува признавање на Крим од страна на САД како легален дел од Русија – де јуре на латински.
За Трамп, јужниот полуостров на Украина беше „изгубен пред години“ и дури не е „дел од разговорот“ во мировните преговори.
Но, за Зеленски, откажувањето од Крим како неотуѓив дел од Украина би било неприфатливо.
Според зборовите на опозициската пратеничка Ирина Герашченко, „територијалниот интегритет и суверенитет се црвена линија за Украина и Украинците што не можат да ја преминат“.
Аргументот на Трамп беше „ако Владимир Зеленски толку многу го сака Крим, тие не се бореа за него пред 11 години кога беше предаден на Русија без да биде испукан ниту еден куршум“.
Беа испукани малку куршуми, но Крим беше окупиран со оружје во вакуум на власта.
Путин подоцна призна дека го организирал заземањето на територијата на целовечерен состанок со неговите претставници, неколку дена откако прорускиот лидер на Украина беше соборен од власт во Киев.
Крим е камен на сопнување за Трамп
За американски лидер кој брза да склучи мировен договор, Крим би можел да стане голема пречка.
Трамп е во право кога вели дека има мали шанси Украина да го врати Крим во догледна иднина и дека тој всушност е – де факто – под руска контрола.
Но, тоа е далеку од признавање дека е легално.
Зеленски се повикува на „Кримската декларација“ од 2018 година од тогашниот државен секретар на Трамп, Мајк Помпео.
Помпео рече дека Америка го отфрла „обидот на Русија да го анектира Крим“ и вети дека ќе продолжи да му се спротивставува сè додека не се врати територијалниот интегритет на Украина.
Импликацијата на Зеленски е дека Трамп ја поддржувал Украина по прашањето на Крим тогаш и треба да продолжи да го прави тоа и сега.
Ако узурпацијата на територија што не е признаена од меѓународната заедница е одобрена од САД како нешто легално, што ќе значи тоа за меѓународното право и принципите на Повелбата на Обединетите нации?
Неколку недели по почетокот на тоталната руска војна, од Истанбул дојде првичен предлог прашањето да се замрзне за подоцна, за да можат Русија и Украина да се справат со него во следните 10-15 години.
Идејата не се прифати, но беше еден начин да се надмине оваа пречка.
Зеленски е ограничен од украинскиот устав
Зеленски цврсто стои зад фактот дека нема овластување да се откаже од Крим: „Нема за што да се дискутира тука. Тоа е спротивно на нашиот устав“.
Член 2 од Уставот наведува дека украинскиот суверенитет „се однесува на целата нејзина „територија“ која е „неделива и неповредлива во рамките на нејзините сегашни граници“.
Секоја промена на украинската територија мора да оди на национален референдум, кој мора да биде одобрен од украинскиот парламент.
Не е само претседателот Трамп кој има проблеми со Киев.
Русија, исто така, го смета украинскиот устав како „пречка“ за мировните напори.
Уставите можат да се менуваат, но не додека Украина е во војна.
Признавањето на нелегалната анексија на Русија не само што би била црвена линија за Украина, туку би поставило и застрашувачки преседан за земји како Романија, која граничи со Црното Море.
Преседанот би се почувствувал далеку над Црното Море.
Дали Русија полага парво на Крим?
Од историски причини, Русите долго време го сметале Крим за дел од својата територија, а Путин зборувал за „жива и нераскинлива врска“ со полуостровот, со неговите одморалишта на Црното Море и блага летна клима.
Но Крим, заедно со остатокот од Украина, гласаше за независност од Советскиот Сојуз за време на распадот на земјата во 1991 година, а Киев ѝ дозволи на Русија да го изнајми пристаништето Севастопол како база за Црноморската флота.
По анексијата во 2014 година, Путин се обиде да ја консолидира руската контрола врз Крим, прво со мост долг дваесет километри изграден преку Керченскиот теснец во 2018 година, а потоа со заземање на копнен мост долж брегот на Азовското Море во 2022 година.
Путин веруваше дека ја исправа неправдата што ѝ беше нанесена на Русија кога советскиот лидер Никита Хрушчов ѝ го додели Крим на Украина во 1954 година.
Русија, рече тој, „не беше само украдена, туку и ограбена“.
Крим првпат беше анексиран од царска Русија под Катерина Велика во 1783 година и во голема мера остана дел од Русија сè до одлуката на Хрушчов.
И Русија и Украина беа советски републики, па затоа тоа не беше голема работа за Кремљ во 1954 година.
Повеќе од половина од населението на Крим биле Руси, главно затоа што првобитното мнозинско население, Кримските Татари, биле депортирани под советскиот диктатор Сталин во 1944 година.
Татарите можеа да се вратат на Крим од егзил дури по 1989 година, кога Советскиот Сојуз почна да се распаѓа, и сега сочинуваат околу 15 проценти од населението на Крим.
Русија набрзина организираше референдум во март 2014 година, но Западот го отфрли како „фарса“, а Генералното собрание на ОН усвои резолуција со која се поддржува украинскиот суверенитет.
Меѓународниот кривичен суд донесе одлука дека руските активности на Крим претставуваат „тековна окупација“.
Рефат Чубаров, претседател на Меџлисот, телото што ги претставува Кримските Татари, инсистира дека Украина мора категорично да одбие какви било територијални отстапки во замена за мир.
„Крим е дом на оригиналниот народ Кримски Татар и е составен дел од Украина“, рече тој.
Крим можеби не е единствениот проблем
Мировниот план на Трамп сè уште не е откриен, но според различни извештаи и забелешки на американски претставници, може да се заклучи дека од Украина ќе биде побарано да се согласи на други сурови услови.
Руската окупација на речиси 20 проценти од Украина би била де факто признаена зад постојните фронтовски линии, практично замрзнувајќи го конфликтот во четири украински региони: Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје.
Според американскиот медиум „Аксиос“, тој би бил поддржан од „силни безбедносни гаранции“, а веројатно и од „коалиција на добронамерните“, во која се вклучени Велика Британија, Франција, но не и САД.
Ќе треба да се вети дека Украина нема да биде примена во НАТО, иако може да се приклучи на ЕУ.
Сите американски санкции ќе бидат укинати, а економската соработка со САД ќе биде зајакната.
„Аксиос“ исто така сугерира дека Русија ќе врати мал дел од окупираниот Харков и ќе ѝ дозволи на Украина „непречен премин“ низ реката Днепар, додека САД ќе ја преземат контролата врз нуклеарната централа Запорожје, која Русија ја зазеде во 2022 година.
А потоа тука е и договорот меѓу Америка и Украина за поделба на профитот од минералите, кој треба да го потпише украинскиот премиер Денис Шмихал.