Киев и Одеса се изложени на најжестоките руски напади од почетокот на инвазијата на Украина пред три години.
Москва напаѓа со стотици беспилотни летала и ракети.
Што сака да постигне Владимир Путин со ова – и што би можело да го запре?
Неодамна, Русија изврши серија жестоки комбинирани напади врз Украина.
Она што се случи ноќта на 4 јули во Киев, украинските медиуми го нарекуваат „ноќ на пеколот“.
Руската армија употреби повеќе од 500 беспилотни летала и ракети Кинжал и Искандер.
После тоа, дури и американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходно се претстави како посредник во конфликтот меѓу Русија и Украина, изјави дека е разочаран од Русија и го критикуваше претседателот Владимир Путин:
„Путин ни прави еден куп глупави работи“, рече Трамп, додавајќи дека рускиот претседател е „секогаш многу фин“, но дека на крајот „се покажува дека е безначајно“.
Недолго по тие изјави, според агенцијата Ројтерс, САД ги обновија испораките на одредени видови оружје за Украина – поточно, артилериски гранати и самоодни хаубици.
Производство на илјадници дронови месечно
Благодарение на проширувањето на сопственото производство на дронови, Русија сега е во можност да спроведува такви жестоки напади. Таа повеќе не е зависна од Иран.
„Русија користи дронови од 2022 година, но обемот се промени. Илјадници, можеби дури и десетици илјади дронови сега се произведуваат месечно. Тоа е доволно за да ги преоптовари повеќето одбранбени системи дизајнирани да пресретнуваат ракети“, изјави за ДВ експертот за воена технологија Дејвид Хамблинг.
Полковникот Маркус Рајснер од австриската армија нагласува дека Русија не може да спроведе такви масовни напади без помош на други земји.
Кина, вели тој, ја снабдува Русија со делови што се користат за производство на дронови, додека Северна Кореја ја снабдува Москва со балистички ракети.
„Јасно е дека Русија се потпира на поддршката од други земји тука“, заклучи Рајснер за ДВ.
Што сака да постигне Путим со овие напади?
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го изрази своето мислење за тоа зошто Русија го зголемува гранатирањето на главниот град.
Владимир Путин, како што вели, „сака луѓето да страдаат и да бегаат од Украина, куќите, училиштата – нивните животи – да бидат уништени насекаде, не само на фронтот“, објавува украинскиот портал НВ.
„Њујорк тајмс“ пишува, повикувајќи се на извори блиски до Кремљ, дека Русија сака на овој начин да ја пробие одбраната на Украина во наредните месеци.
Полковникот Рајснер смета дека Путин се обидува да постигне две стратешки цели со најновите комбинирани напади: прво, да го уништи воено-индустрискиот комплекс на Украина и второ, да влијае на јавноста со напади врз цивили.
„Целните напади врз населението, кое е дополнително ослабено од теророт, индиректно се обидуваат да извршат притисок врз украинската влада“, објаснува тој.
Дали започнува руската летна офанзива?
Многу воени аналитичари очекуваат Русија да започне нова офанзива ова лето. Германскиот политиколог Андреас Хајнеман-Гридер ги гледа зголемените напади како дел од таа кампања.
Целта на Русија, според него, е да ја ослаби противвоздушната одбрана на Украина до степен до кој загубите не можат да се компензираат со испораки на западно оружје.
Тоа би можело да биде и знак дека Русија се подготвува за „решавачка битка“, претпоставува Хајнеман-Гридер.
Тој не ја исклучува можноста дека до крајот на оваа или почетокот на следната година, Русија ќе успее да ја доведе Украина во таква ситуација – дека ќе мора да ги прифати барањата на Кремљ.
Што може да направи Западот?
Во разговор за ДВ, експертите изразуваат верување дека Западот мора да дејствува порешително за да ја лиши Русија од иницијативата на фронтот.
На Конференцијата за обнова на Украина, која неодамна се одржа во Рим, претседателот Зеленски изјави дека Украина пронашла решение за одбивање на руските напади: дронови-пресретнувачи.
Во исто време, тој нагласи дека одбранбениот сектор на неговата земја итно има потреба од големи инвестиции.
Полковникот Рајснер потврдува дека Украина веќе постигнува добри резултати во производството на сопствени дронови. Сепак, тој не може да се откаже од поддршката на Западот.
„Потребна е помош од Западот, особено кога станува збор за специјализирани системи за оружје, како што се ракетните системи за воздушна одбрана „Патриот“.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц претходно изјави дека Германија е подготвена да ги купи тие системи од САД за испорака во Украина.
Во неделата, Доналд Трамп им рече на новинарите дека ќе ѝ испрати на Украина „многу софистицирано оружје“ и дека тоа оружје ќе биде „100 проценти платено“.
Тој објасни дека станува збор за ракетни системи што ќе ги плати НАТО.
За да се обезбеди ефикасна помош, Западот мора да ги надмине стравувањата дека испорачаното оружје може да падне во руски раце, според Хајнеман-Гридер.
Некои западни компании за оружје, вели тој, се плашат дека во тој случај би можеле да ја изгубат својата технолошка предност.
Покрај тоа, тие се загрижени дека воспоставувањето заеднички вложувања со Украина би можело да ги намали цените на нивните производи.
„Таквиот начин на размислување, според мене, мора да се надмине“, вели овој експерт.