Зошто еден премиер се плаши од еден „обичен“ градоначалник?

Сподели со своите пријатели

Деновиве, се повеќе присутни и повеќе видливи се внатрепартиските и меѓупартиските превирања во двете најголеми партии во Македонија, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Несомнено истото се случува и во ДУИ, но и во помалите партии. Како ќе одминува времето и што поблиску ќе бидеме до месеците во кои треба да се обзнанат имињата на кандидатите за градоначалници и носители на советничките листи (кандидати за претседатели на општинските совети) како и самите кандидати за советници од партиите, но и до месецот октомври кога треба да се оддржат локалните избори, се повеќе ќе се зголемуваат овие конфликти и прлавите алишта од истите ќе излегуваат на површина во големи количини, со голема брзина. Секако дел од тоа што ќе видиме е точно, дел ќе бидат полувистини (она на кое ние како народ сакаме најмногу да се лепиме) и секако ќе има лаги, мали и големи. Нејсе, Куманово е доказ за тоа, a Куманово е Македонија на мало и обично што тука се случува, сигурно ќе се случува и во другите општини во државата. Но на Куманово ќе се вратам подоцна. Таа „борба“ е почната одамна само што до сега беше тивка (ставена на mute, подобро речено имаше слика немаше тон, се случуваше зад сцената, зад кулисите, далеку од очите и ушите на публиката односно на широката јавност), а од сега понатаму тонот на истата ќе се засилува до тој степен што мислам дека овие локални избори ќе бидат толку гласни што ќе ги „оглувуваат“ граѓаните, а некои од тоа што ќе го слушнат и видат можеби ќе ги „боли“ и „стомакот“ и „ќе повраќаат“. Сепак граѓаните треба да слушаат внимателно колку и да е „гласно“, да се трудат да го сочуваат „ушното тапанче“ и да носат заклучок за тоа кој е во право, кој најмногу работел или кој најмногу мислат дека ќе работи, за тој да го дадат нивниот глас и да го наградат, а оној за кој мислат дека не ја зборува вистината, кој не работел или мислат дека нема да работи, да го казнат. Мислам дека ќе има многу црна и негативна кампања каква што имаше пред 2017 година и мислам дека истата ќе се употребува овој пат од сите страни, затоа што ситуацијата е созреана за такво нешто. Зошто?

Loading...

Времињата потсетуваат на некои стари времиња, а премиерот со одминување на деновите се повеќе заличува на неговиот претходник. Дури мислам дека и самиот Заев кога ќе стане насабајле пред да си го измие лицето и ќе се погледне во огледало, ќе почне да го гледа ликот на Груевски. Помеѓу двете партии веќе нема некаква суштинска разлика, двете претставуваат биро за вработување и инструмент за принудување на оние кои добиле некаква корист да бидат гласачки машини т.е. од луѓето прават медиокритети. Двете партии имаат партиски ботови кои објавуваат, лајкуваат, споделуваат, коментираат и напаѓаат како ќе им се каже од оној „над нив“ или како ќе им кажат во вибер, телеграм, вацап групите за „координации“. Сите „големи“ си креираат групи од „малите“ околу нив, групи на апологети, пиони, подлизурковци, апаратчици и не знам како веќе и со кои имиња да ги наречам тие луѓе… Она што им смета на двете партии се луѓето кои се од нивните редови, но тие вредат и тешко можат да бидат контролирани бидејќи имаат интегритет и сопствено „Јас“ и конечно се спротивставуваат на секоја погрешна одлука или имаат различен став по некои прашања од нивните раководства, а имаат повеќе сработено од раководствата и имаат повисок рејтинг кај граѓаните, па со тоа стануваат нивна конкуренција, но и оние кои се независни и неопределени. Затоа што тие не гледаат со розовата боја на очила кои им ги даваат и едните и другите „одозгора“. Еден лик (патем лик кој е жесток поддржувач на власта во моментот) има статус (инаку не првпат, напаѓа луѓе кои се такви како што набројав претходно во повеќе наврати) во кој напишал дека неопределените се полоши дури и од „вмровците“ мислејќи на „груевистите“. Види Бога ти. Ние според нив сме најголеми виновници за се, како што тоа беше баш во времето на тие „вмровци“ кои тој ги споменува, дури на тоа еден поранешен пратеник и учесник во Шарената револуција во коментар му напишал „True story“ или во превод „вистинска приказна“. А самото тоа уствари покажува дека тие влегле во матрицата на „груевизмот“. Всушност ние, луѓето кои напишав дека им сметаат на раководствата на партиите, сме единствени кои непристрасно носиме одлуки и гледаме со „Широко отворени очи“. Се разбира сличностите не запираат тука, туку одат понатаму. Блиски медиуми на власта бројат колку луѓе излегле на било кој од протестите што беа изминатиот период (без разлика какви и за што и да се тие протести) и гледаат да го намалат нивното значење. Оној кој вистински ја разбира демократијата, знае дека дури и еден човек да протестира, има право на истото и дека и тој е важен како и сите останати и важно е и неговото мислење (какво и да е, правилно или неправилно) бидејќи и тој е граѓанин на оваа држава и треба да се сослуша. Отпорите и револуциите некаде започнувале и со 50 или 100 луѓе. Партијата на власт секој човек, протест или отпор го поврзува со Груевски како во „она“ време кога истиот тој Груевски секој човек, отпор или протест против него го поврзуваше со Црвенковски. А сите знаеме дека тоа не е така. Не дека тие луѓе за кои зборуваат се уште немаат влијание, напротив, тоа влијание е присутно и тоа треба да се намалува, но јас не видов баш дека власта многу се труди да го намали истото, па уште и почнаа да креираат исти, свои такви влијанија. Поврзувањето на се и сешто со „непријателот“ е огромна грешка уште во самиот почеток. Така се прават нови делби на „оние кои сакаат добро за државата“ и „оние кои сакаат лошо за истата“, или да потсетам во времето на ВМРО-ДПМНЕ тоа беше поделба на „патриоти“ и „предавници“. Посебно оние кои ја познаваат добро демократијата знаат дека „против“ СДСМ не значи автоматски „за“ ВМРО-ДПМНЕ и обратно. Затоа мислам дека кампањата ќе биде таква, бидејќи власта односно СДСМ и Зоран Заев се повеќе личат на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски од „она“ време, но и затоа што ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски од „ова“ време не мрднаа од таа точка на која беа застанати ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски од „она“ време, па се смешни и не се вредни за коментирање.

2008 година после неуспехот Македонија да влезе во НАТО Груевски организираше предвремени парламентарни избори на кои СДСМ, под водство на Радмила Шекеринска, формираа заедно со останатите опозициски партии во тоа време, опозициска коалиција „Сонце“. На митингот на оваа тогашна опозициска коалиција во Струмица говореше и Зоран Заев, кој беше градоначалник на тој град од редовите на СДСМ. Тогаш го прозва тогашниот вице-премиер, а подоцна министер за финансии, Зоран Ставревски, зошто му го одбил предложениот ТВ-дуел од негова страна и рече: „Се прашувам зошто еден вице-премиер се плаши од еден „обичен“ градоначалник? Одговорот е многу едноставен. На тој дуел, Заев на маса ќе ги стави сите досегашни свои резултати, а Ставревски ќе мора да ги стави срамните тендери, инфлацијата и лошите економски резултати кои е приморан да ги компензира со ветување во идно време до 2012.“

И сега се враќам на моето Куманово. Завчера прочитав вест дека кумановското СДСМ (општинска организација) не ги избрало за членови на централниот одбор на СДСМ, сегашниот градоначалник, Максим Димитриевски и сегашната претседателка на советот на општина Куманово, Атина Мургашанска и не прифатило предлози од истите за надзорниот одбор на СДСМ. Доколку истата е точна, а судејќи по изјавата на претседателката на советот вчера, веста е точна, тогаш тоа покажува колку овие луѓе, особено Димитриевски некому му сметаат. За сега само се шпекулира кој е тој на кого градоначалникот му смета, но тоа не е потврдено и муабетите остануваат само шпекулации. Но кој и да е тој, се работи за некој особено моќен во кумановското СДСМ. Тоа е некој висок партиски функционер или некој поранешен висок општински функционер, или сегашен пратеник, можеби некој министер или повеќе од нив или пак можеби директно претседателот на СДСМ и премиерот Зоран Заев или сите тие заедно. Не е важно, важно е она што тоа покажува, а покажува дека некој од нашиот градоначалник се плаши и се спрема да го тргне подалеку од неговата матична партија, но можеби и од општинската функцијата (првото е можеби возможно, но второто ќе биде тешко). Дали во ова е вмешан некој од повисоките редови на СДСМ и власта, односно некој висок партиски функционер, или пак висок владин функционер, или повеќе од нив, или и едните и другите, а директно и самиот Заев, ќе дознаеме кога ќе биде донесена одлуката за тоа кој ќе биде кандидат за градоначалник на СДСМ во Куманово. За сега се споменуваат повеќе имиња кои можат да бидат во внатрепартиската трка. Освен нашиот градоначалник, до вчера афинитети покажуваа двајца луѓе иако се немаат произнесено јавно и немаат потврдено, за тоа на големо се зборува, но од денес официјално се појави трет човек. Доколку никој од нив не се откаже од таа трка, официјално имаат најавено нашиот градоначалник и уште еден, значи двајца официјално и двајца неофицијално, значи ќе се четворица. Тие тројца кога ќе се споредат со Максим Димитриевски излегува дека се „мравки“ колку се политички мали. Не ме чуди доколку излезе дека Заев е тој кој се плаши од нашиот градоначалник, бидејќи со неговите постапки тој докажа дека е спремен на се. Последно е дека е спремен да го разреши сам, по своја одлука, директор Стојко Пауновски кој се спротивстави на не квалификуваните кандидати за работници во инспекторатот, но и дека е спремен да извади свои пратеници кои се позитивни на корона вирусот и да ги однесе во собрание само за да „функционирало“, односно биле на доктор, добиле дозвола и отишле на работа, а лани истиот тој Заев го осуди Максим Димитриевски зошто тој позитивен на корона вирусот отишол да се тестира во приватна лабораторија т.е. на доктор. На крајот градоначалникот излезе негативен на сите три приватни теста. Тоа мирисаше на „местенка“ за која денес се води кривична постапка и искрено се надевам дека ќе се докаже за тоа кој е „крив“ а кој „прав“ , но и кој се бил вмешан во истата. Заев и СДСМ во неколку наврати се оградуваат од нашиот градоначалник заради неговите произнесени ставови (ставови околу старото државно знаме, околу попуштањата на премиерот за националните прашања со Бугарија, Бучковски…) велејќи дека тоа не биле ставови на партијата и со тоа докажаа дека место за спротивставени мислења кај нив, како и во ВМРО-ДПМНЕ, нема. Пак ќе речам, дека оној кој е демократ знае дека една партија ја прави членството, а не раководството. Па како може ставот на еден член и најобичен, да не биде став на партијата? Веројатно во нормални земји во партијата единствено нешто за кое не треба членот да има дилема е идеологијата, а се друго, секој човек во раководството на истата, секоја одлука, секој став мора да се доведе под знак прашалник… Имено така функционира внатрепартиската демократија, за која Заев и неговиот пи-ар говореа кога се спроведуваа т.н. „демократски“ внатрепартиски избори за претседател на партијата. Па самото тоа кажува колку сме блиску ние до демократијата и во партиите, а и во државата. Но секако сме далеку од вистинска демократија, за жал. Секако дека сегашниот градоначалник има сработено повеќе од претходниот. Всушност работи повеќе од тоа што сработи претходниот градоначалник за три мандати. И нормално дека има нешто што не е остварено, има и грешки во работењето можеби, но секој човек има грешки како што имам и јас и сите вие, значи сите ние, а и тие грешки на градоначалникот кои и да се (јас реално не гледам грешки, но секако можеби некој гледа), во нив нема криминал или пак корупција, барем такво е моето мислење како граѓанин и човек кој живее и е роден во Куманово. Јас гледам дека ударите кон градоначалникот се „ниски“. Како оној „низок“ удар на ДКСК која немало за што друго да се фати, па најверојатно по нечија директива се фатила за КК „Куманово“, дека нешто не било транспарентно и дека имало сомнежи за корупција. Или оној „низок“ удар на некаков портал кој прв пат во живот го видов на кој некој анонимно пишувал за т.н. „непотизам“. На тоа Максим Димитриевски имаше демант, а и еден од поранешната општинска власт ги опиша како „аматери“ и посочи на многу работи кои ДКСК ги изнело како факти дека се целосно неточни. На крајот, ако Максим Димитриевски не биде кандидат за градоначалник на СДСМ во Куманово, ќе се потврди дека Заев се плаши од Димитриевски, па ми доаѓа да си го поставам истото прашање кое Заев, 2008 година, му го постави на Ставревски само малку преформулирано. Зошто еден премиер се плаши од еден „обичен“ градоначалник? Одговорот е многу едноставен. Димитриевски на маса има да ги стави сите досегашни свои резултати ( асфалтирани и нови патишта, исчистено ѓубре, реновирања и реконструкции на повеќе установи, училишта, раздолжување на општината, помагање на младите, на културата…) и успешни и реализирани проекти, своето знаење, политичка вредност, интегритет и достоинство, ветувања кои се исполнети, голема поддршка од граѓаните што впрочем го покажуваат и последните анкети, дека истиот е еден од трите најдобри градоначалници во Македонија, а Заев ќе мора да ги стави на маса срамните тендери, лошите економски резултати, лошо здравство и лошото справување со пандемијата, лошо образование, еден куп политички и криминални афери, опкружување на криминалци, но и корупционери каков е и тој самиот, спроведување на она што не го ветил и се колнел дека нема да го направи, променето име, а со тоа и устав, лош договор со Бугарија, неуспех за почеток на преговори со ЕУ, двојни стандарди и лаги, немање елементарно ниво на култура, немање правда и правна држава.

Секако дека ако СДСМ не го кандидира Максим Димитриевски за градоначалник на Куманово, самото на себе ќе си „пука во глава“, а не во „нога“, бидејќи тој ја има најголемата поддршка од мнозинството кумановци (нема поддршка само од „вечни функционери“, „фотељаши“, „недопирливи“, локални „олигарси и тајкуни“ и нивните роднини и блиски соработници и пријатели, а на тие и таквите градоначалникот им е трн во око). Секој друг е „фаул“ за партијата и секој друг значи пораз за партијата. А тој мислам дека треба да се кандидира по секоја цена, ако не го кандидира СДСМ т.е. да настапи независно. Убеден сум дека пак ќе победи, дури и како независен кандидат. Со тоа ќе започнат многу промени, не само во СДСМ, но и на ул. Илинденска бб. во Скопје, бидејќи, нормално, промените доаѓаат од Куманово ? !

Пишува: Николај Павловски, студент

Изнесените ставови во колумната не се ставови на уредништвото на порталот Кумановски Муабети, согласно тоа не одговараме за напишаното.

Leave a Reply