Цврстиот став на германската влада кон Русија поради војната во Украина е под зголемен притисок од домашната јавност, која е загрижена поради високите цени на енергијата и можниот недостиг на гас пред зимата.
Досега, сите големи партии, од социјалдемократите на канцеларот Олаф Шолц и неговите коалициски партнери Зелените и Слободните демократи до опозициските конзервативци, ги поддржаа западните санкции против Русија откако таа го нападна својот сосед.
Сепак, во последните недели конзервативните лидери станаа скептични кон стратегијата на Западот.
И додека анкетите покажуваат дека санкциите сè уште ги поддржуваат речиси две третини од Германците, половина од анкетираните веруваат дека тие повеќе ја засегаат Германија отколку Русија, пишува Ројтерс.
Половина од населението се грее на гас, кој го користи и третина од индустријата. Во последните години 50 отсто од гасот доаѓаше од Русија.
Сомнежи за политиката на владата кон војната во Украина
Сепак, во последните недели испораките од Русија се намалени, наводно поради одржување на гасоводи.
Германија, од друга страна, тврди дека Москва користи гас како оружје, а оваа недела ЕУ усвои итен план за намалување на потрошувачката.
Во мај Германија го забележа својот прв надворешно трговски дефицит од 1991 година поради инфлацијата, која достигна речиси осум проценти.
„Целиот наш економски систем може да пропадне. Ако не бидеме внимателни, Германија би можела да се деиндустријализира“, изјави за Ди Цајт Михаел Кречмер, конзервативен лидер на источната покраина Саксонија.
„Ако не можеме да се откажеме од рускиот гас во моментов, тоа е сурова реалност и мора да дејствуваме соодветно“, додаде тој.
Сомнежите во политиката на владата кон војната во Украина се особено изразени на поранешниот комунистички исток на земјата, кој е потесно поврзан со Москва и кој може да биде потешко погоден од економскиот пад.
Украинскиот амбасадор: Престанете со „руските фантазии“
Кречмер, чија сојузна држава има четири милиони жители, повикува војната да се „замрзне“ и Европа да бара мировни преговори.
Ова ќе овозможи снабдување со клучни производи, од фосилни горива до жито, и ќе го спречи економскиот колапс на Германија и гладот во Африка, рече тој.
Критичарите возвраќаат дека тоа ќе ги легитимира територијалните придобивки на Русија и ќе и овозможи на Москва да се прегрупира.
Амбасадорот на Украина во Берлин во заминување, Андриј Мелник, на Твитер напиша дека Кречмер треба „да си ја пикне главата во фрижидер“ и да престане со своите „руски фантазии“.
Мелник, за кој украинскиот претседател Володимир Зеленски одлучи да се повлече претходно овој месец, претходно отворено го критикуваше секој знак дека Германија се колеба во нејзината поддршка за Украина.
Сите информации за економско-енергетската криза во светот можете да ги прочитате ТУКА.