ЖРК Куманово во завршницата од купот на Македонија

Сподели со своите пријатели

Откако минатата недела беа извлечени полуфиналните двојки од Завршните турнири во ракомет во машка и женска конкуренција, нашиот град повторно ќе има претставник и тоа вистинскиот хит во ова првенство во женска конкуренција во ракомет, екипата на ЖРК Куманово.

Завршниот турнир од купот на Македонија во ракомет во женска конкуренција или познат како фајнл фор ќе се одигра во салата „Автокоманда“ во Скопје од 13-15 април. Екипата на ЖРК Куманово обезбеди учество и во полуфиналето ќе се сретне со третата сила во Европа , екипата на ЖРК Вардар. Победникот во купот ќе обезбеди настап на евро сцената во ЕХФ купот.

Со оглед на разликата во квалитетот противникот е апсолутен фаворит во наптреварот, но кумановки нема лесно да се предадат и ќе се обидат да се прикажат во што посветло издание на овој натпревар.

Мислам дека ова е еден од  најголемите успеси на нашите ракометарки, да бидат дел од вакво големо натпреварување. Горд сум што сме дел од Ф4 турнирот од купот на Македонија. Ако дисциплината е на завидно ниво ќе оствариме одличен резултат – вели тренерот на нашата екипа Зоран Јосимовски.

Во тимот на Куманово поради повреда натпреварот ќе го пропуштат Наталија Зафировиќ и Бранкица Марковиќ, а не е сигурен ни настапот на нашиот капитен Викторија Пеовска.

Едвај чекаме да почне натпреварот. Има позитивна атмосфера.  На овие натпревари не се дозволени грешки. Нашата одбрана мора да биде добра. Вардар има извонреден напад и само со добра поставеност во одбраната можеме да се надеваме на што подобар резултат. Ќе се обидеме да го дадеме максимумот и во што посветло издание да го претставиме нашиот град – вели Маја Ивановска, ракометарка на ЖРК Куманово.

Полуфаиналниот меч ЖРК Куманово ќе го игра со Вардар во петок со почеток во 16:15 часот.