08.03.2019 16:20

ЖЕНИ ХЕРОИ: Нада Михајловска – борец на НОБ од Куманово


Уште како дете од 11 години заедно со нејзиниот постар брат и сестрата, Нада Михајловска започнува да го помага народноослободителното движење.

Таа не знаела за детски кукли. Кај неа од ден на ден желбата за слобода се зголемувала. Како ученичка на III, IV и V клас гимназија, била најдобра и најпримерна, а истовремено и најдобар партизански курир во градот.

Во 1943 година нејзината постара сестра заедно со неколку други другарки паѓа во затвор. Нада цела година носела храна и ја храбрела својата затворена сестра. Затварањето на нејзината сестра преставувало нов стимул, полн со енергија и љубов кон своето дело.

Нејзината мајка Гора се гордеела со својата ќерка. Таа и била единствената нејзина надеж и утеха. Една вечер Гора на белата покривка од креветот од својата ќерка ги нашла пресечените две плетенки со пораката „Мајко јас заминувам во партизани“. Таа ноќ Нада заедно со неколку другарки од куќата на Ефта Менкова заминува во партизани.

Како борец на Третата македонска ударна бригада, Нада учествувала во повеќе борби. Таа била добар стрелец и дисциплиниран војник. Безпрекорна храброст покажува при борбата на Пелинце. Во општиот виор кај Ристовац, Нада заедно со неколку другари зазема еден бункер, а со тоа во многу придонеле за позитивниот исход на оваа борба.

По четиридневниот неуморен машр Нада со своите другарки учествува во борбата кај Пробиштип на 4 април. Во оваа борба против бугарскиот фашистички окупатор Нада е тешко ранета и заробена.

Иако била ранета, не се плашела од ништо, а особено мачењата од страна на окупаторите. Еден Германец со нож вртел по ранетата нога на Нада. Сакал да чуе молба, плач, покореност. Сакал да дознае кои се нејзините другари, но не успеале.

Откако се убедиле во непокорноста и борбениот дух на младата партизанка, не им преостанувало ништо други, освен пред на сила насобраниот народ во Штип да ја стрелаат младата херојка заедно со уште единаесет рудари од рудникот „Злетово“.

И така од истрелот на непријателот згаснал животот на нашата некогашна сограѓанка Нада Михајловска.

Пишува: Момчило Божиновски
Извор: „Наш весник“ број 34 (петок, 15 март 1963. година)
фото: илустрација

© Крадењето авторски содржини е забрането со закон. Преземањето на текстови, изјави или фотографии во авторска сопственост на порталот Кумановски Муабети е дозволено делумно, со задолжителен хиперлинк до содржината која се пренесува.

Последни наслови

Facebook Comments