Зголемен криминалитетот во Крива Паланка и Ранковце

Сподели со своите пријатели

 На подрачјето на општините Крива Паланка и Ранковце зголемен е бројот на кривични дела во текот на второто полугодие на 2017 година за 11,4 отсто, споредено со истиот период во 2016.

Лани во последните шест месеци се случиле 98 кривични дела, од кои реализирани се вкупно 66, со што е постигната реализација од 67,3 отсто, се наведува во Информацијата за преземени мерки и активности во текот на второ полугодие од 2017 од страна на Полициска станица од општа надлежност Крива Паланка.

Информацијата на последната, деветта седница на Советот на општината, ја презентираше командирот на ПС од ОН Крива Паланка, Дејан Маринковски.

-Во текот на извештајниот период регистрирани се 90 дела од областа на класичниот криминалитет, бројка која за 7,1 отсто бележи зголемување во однос на 2016 година. Според застапеноста, најголем број се имотни деликти со регистрирани 36 кривични дела, а од нив 26 се тешки кражби, рече Маринковски.

Од областа на економски криминал во ова полугодие од годината регистрирани се вкупно 5 кривични дeла, од нив три, злоупотреба на службена положба, едно дело несовесно работење во службата и едно-незаконски лов.

Зголемен е бројот и на нарушувања на јавниот ред и мир, вкупно 86 прекршоци, што во однос на истиот период во 2016 кога се регистрирани 63 ,претставува зголемување од 36.5 отсто.

Најголем број од прекршоците сe физички напади 34. До Основен суд Крива Паланка и Комисија за прекршоци при СВР Куманово во текот на второто полугодие на 2017 година поднесени се 86 барања за поведување прекршочна постапка против 145 прекршители./МИА


Leave a Reply