Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја опиша како „страшна трагедија“ и „темно утро“ хеликоптерската несреќа утринава во Бровари, во која загина целото раководство на украинското Министерство за внатрешни работи, предводено од министерот Денис Монастирски.
Во објава на својот канал Телеграм, Зеленски напиша:
„Денес се случи страшна трагедија во Бровари, регионот Киев. Се урна хеликоптер на државната служба за вонредни состојби, а на местото на несреќата избувна пожар.
Сѐ уште се утврдува точниот број на жртвите од оваа трагедија. Меѓу жртвите се министерот за внатрешни работи Денис Монастирски, неговиот прв заменик Јевхен Џенин, државниот секретар Јури Лубковци, нивните помошници и екипажот на хеликоптерот.
Повредени се 25 лица, меѓу кои и три деца. Според достапните податоци, три деца починале. Болката е неопислива. Хеликоптерот падна недалеку од градинката“, објави Зеленски.
„Тие беа вистински патриоти“
„Им наредив на безбедносните служби на Украина да ги истражат околностите за тоа што се случи во соработка со полицијата и другите надлежни органи. Сите служби се на местото на трагедијата и си ја вршат својата работа“, напиша украинскиот претседател.
„Изразувам сочувство до семејствата и пријателите на жртвите. Денис, Евхен, Јури, тимот на Министерството за внатрешни работи… вистински украински патриоти. Почивај во мир. Нека сите оние чии животи беа згаснати во ова темно утро почивај во мир“, објави Зеленски.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.