Претседателот на Украина Володимир Зеленски изјави дека рускиот претседател Владимир Путин прекршил толку многу меѓународни норми што нема да престане и дека Русија може само да биде принудена да склучи мир.
– Русија секогаш мора да лаже за да ја оправда својата војна и не може да се повика на Повелбата на ОН за да објасни што прави против Украина. Всушност, на нејзиниот извртен начин, во нејзиниот изопачен свет, таа се повикува на Повелбата на ОН, но тоа е само лудост. Русија може само да биде принудена да склучи мир. И токму тоа е потребно, да се натера Русија на мир како единствен агресор во оваа војна, единствен прекршител на Повелбата на ОН – нагласи Зеленски на состанокот на Советот за безбедност на ОН.
Тој изјави дека „некои луѓе во светот“ сакаат да разговараат со Путин.
– Но, што можат да слушнат од него? Дали му пречи што го користиме нашето право да го браниме нашиот народ? Или сака да продолжи со војната и теророт само за никој да не мисли дека погрешил? А тоа е лудило – нагласи Зеленски, пренесува Укринформ.
Според него, Русија од првата секунда на оваа војна прави работи кои не можат да се оправдаат со Повелбата на ОН, што, како што рече, е кривично дело според меѓународното право.
– И затоа оваа војна не може едноставно да се „исклучи“. Затоа оваа војна не се смирува со приказни. Потребни се акции – нагласи Зеленски.
Зеленски потсети дека секоја точка од украинската формула за мир се заснова на принципите, целите и нормите на Повелбата на ОН, на правата што таа им ги дава на државите и на резолуциите на Генералното собрание, кои се поддржани од повеќето земји.
– Немаме различни верзии на Повелбата на ОН за различни делови од светот. Немаме регионални „квази-статути“. Не постои посебна Повелба на ОН за БРИКС или Г7. Не постои посебна руско-иранска повелба на ОН или посебна кинеско-бразилска повелба на ОН. Постои една Повелба на ОН која обединува сè и треба да обедини сè – нагласи претседателот на Украина.
Тој додаде дека Русија се обидува да го уништи енергетскиот систем на Украина и се подготвува да гаѓа три нуклеарни централи.
– Сега кога се приближуваме до третата зима од оваа војна, Русија повторно се обидува да го уништи нашиот енергетски систем. Се подготвуваат да ги таргетираат нашите нуклеарни централи, три од нив, имаме информации и докази за тоа – изјави Зеленски на состанокот на Советот за безбедност на ОН.