Украина ќе продолжи да прави правни напори за да обезбеди функционирање на меѓународните инструменти за казнување на „сите руски терористи и државата агресор“, рече претседателот на Украина Владимир Зеленски во вечерното обраќање до нацијата на крајот од 490-тиот ден од војната.
Во врска со рускиот напад на Краматорск во вторникот, тој изјави дека бројот на жртви се зголемил на 11, меѓу кои и три деца, а повредени се повеќе од 60 лица.
Службата за безбедност на Украина заедно со полициските специјалци го привеле лицето кое го координирало овој терористички напад.
– Удриле во обично кафуле во Краматорск, популарна пицерија. Оштетени се соседните куќи, продавници и бензинска пумпа. Обичен град, обичен живот. Можеби сѐ уште има луѓе под урнатините – рече Зеленски.
Тој додаде дека секој што ќе им помогне на руските терористи да го уништат животот заслужува максимална казна.
– Секој во светот кој не разбира дека не може да биде соучесник на терористичка држава мора да одговара пред целата меѓународна заедница. Соучесниците на терористичката држава мора да се третираат како предавници на човештвото. Ќе продолжиме да работиме на зајакнување на меѓународните санкции против Русија и нејзините соучесници – рече украинскиот претседател.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.