Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес изјави дека смета оти секоја пауза во војната е добра, бидејќи го спречува губењето на животи.
„Не знам колку Русија има корист од ублажувањето на санкциите, а тоа е загрижувачки, но најголемиот предизвик е губењето на луѓе. Ако можете да спасите животи, тоа е секогаш добро“, рече Зеленски во интервју за CNN, кое беше објавено на платформата X.
Тој рече дека затоа Украина го поддржува прекинот на огнот.
„Секако, трајниот мир е најдобриот начин да се заврши војната, но ако тоа не е можно во моментов, секој прекин е добар“, нагласи Зеленски.
Тој изјави дека Украина потпишала три големи безбедносни договори со земјите од Блискиот Исток – договори за беспилотни летала со Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати.
„Тие ќе се преведат во бројни договори со приватниот и јавниот сектор на Украина. Ние сме подготвени да испорачаме, пред сè, нашата експертиза. Потоа, обука и софтвер за интеграција на разновидна воена опрема во еден систем, како и евтини беспилотни летала и заеднички производствени линии“, рече Зеленски.
Според него, еден „Шахед“ може да чини помеѓу 80.000 и 130.000 долари.
„Треба да се уништи не со ракета од три до четири милиони долари, туку со пресретнувач од 10.000 долари. Сакаме да помогнеме во одбраната. И ќе продолжиме да градиме такви партнерства со други земји“, нагласи Зеленски.
Тој рече дека верува оти сето ова треба да се сподели со Соединетите Американски Држави.
„Би бил горд ако можеме да го направиме тоа, бидејќи сме многу благодарни на САД за нивната поддршка“, рече претседателот на Украина.

