Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека се надева оти „мировниот самит“ би можел да се одржи оваа есен во Украина и дека овонеделните разговори во Саудиска Арабија се отскочна штица кон таа цел.
– Работиме да обезбедиме самитот да се одржи оваа есен. Есента доаѓа многу наскоро, но има уште време да се подготвиме за самитот на кој ќе учествуваат повеќето земји во светот – рече Зеленски, пренесува Ројтерс.
Агенцијата наведува дека претседателот на Украина и неговиот тим соработуваат со сојузниците за да соберат широка поддршка за мировниот самит, кој, според Ројтерс, „е насочен кон запирање на руската агресија што започна во февруари 2022 година“.
Самитот ќе се заснова на планот од 10 точки што тој го најави претходно, а кој вклучува целосно обновување на територијалниот интегритет на Украина и целосно повлекување на руските војници, заштита на безбедноста на храната и енергијата, нуклеарната безбедност и ослободување на сите затвореници.
На 5 и 6 август во саудискиот град Џеда ќе се одржи самит за Украина, на кој ќе има претставници на речиси 40 земји, но не и Русија која не беше поканета.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.