Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека сака САД и другите западни сојузници да останат силни во конфронтација со Русија и нејзината „пропаганда“ во војната што трае веќе три години.
Зборувајќи во Париз пред панел европски новинари пред самитот на европските лидери, Зеленски рече дека проруските ставови од Вашингтон го ослабуваат притисокот врз Русија и не придонесуваат за воспоставување мир во, како што го нарече најголемиот европски конфликт од Втората светска војна, објави Ројтерс.
Тој потврди дека Киев се согласил на разговори за прекин на огнот за да обезбеди обнова на американската воена помош и размена на разузнавачки информации.
Сепак, според него, Русија поставува дополнителни барања во однос на црноморскиот регион и енергетските цели, пред се поради намалувањето на санкциите против Москва.
Тие ги условуваат санкциите од американската страна.
Украинскиот претседател му се заблагодари на Вашингтон за досегашната поддршка, но нагласи дека американските власти се под влијание на руските наративи за конфликтот.
Тој особено го издвои специјалниот пратеник на САД за Блискиот Исток, Стив Виткоф, кој, според него, постојано ги повторувал проруските позиции.
„Не можеме да се согласиме со таквите наративи. Се бориме за себе и ќе се бориме со нив каде и да се појават, бидејќи едноставно немаме друг избор“, рече Зеленски.
Тој нагласи дека е во контакт со американскиот претседател Доналд Трамп.
Зеленски потврди дека Украина се согласила со американскиот предлог за 30-дневен прекин на огнот, но предупреди дека Москва нема да се согласи без дополнителни услови.
САД објавија дека се постигнати посебни договори со Украина и Русија за привремен прекин на нападите врз цели во Црното Море и енергетската инфраструктура.
Меѓутоа, во средата Киев и Москва меѓусебно се обвинија дека го прекршиле тој договор, пренесува Танјуг.