Руската Федерација мора да плати за агресијата врз Украина, а конфискуваните средства мора да бидат насочени кон обнова на украинската држава по војната, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски на заедничката прес-конференција со претседателот на Латвија Едгарс Ринкевичс во Киев.
Зеленски ѝ се заблагодари на Летонија за постојаната поддршка за санкциите против Русија и ја истакна потребата да се работи на блокирање на шемите за избегнување руски санкции на ниво на секоја конкретна земја и Европа како целина, пренесува Укринформ.
„Модерната Русија не верува во ништо друго освен во пари и моќ, така што агресорот мора да ја почувствува нашата сила на бојното поле, силата на политичкото единство на Европа, силата на пакетот санкции. Исто така, агресорот мора да плати најмногу за својата агресија со имотот на оние луѓе кои се поврзани со терористичката држава“, нагласи Зеленски.
Според него, овие средства ќе бидат наменети за закрепнување на Украина по конфликтот.
Тој додаде дека на Украина ѝ се потребни три победи во однос на добивањето помош од партнерите – позитивна одлука за доделување дополнителни средства од американскиот Конгрес, обезбедување пакет од 50 милијарди евра од страна на Европската унија и почеток на отворен дијалог за иднината на членството во ЕУ.
Зеленски истакна дека украинските партнери се свесни дека Руската Федерација максимално ја користи ескалацијата на Блискиот Исток за да го оттргне вниманието од давање помош на Украина, па прават се за да не се случи тоа.
Тој нагласи дека и украинските власти активно работат на тоа меѓународната поддршка за земјата да не се намали.
Украинскиот лидер објави и дека ги задолжил врховниот командант на вооружените сили Валериј Залужни, министерот за одбрана Рустем Умеров и други владини претставници следната недела да презентираат сеопфатен план за мобилизација во Украина, пренесува Танјуг.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.