Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја оствари својата прва посета на Канада од почетокот на војната, а канадскиот премиер Џастин Трудо го пречека на аеродромот во Отава, јавува Би-Би-Си повикувајќи се на канадски медиуми.
Украинскиот претседател доаѓа во Канада за да се сретне со премиерот Џастин Трудо и да се обрати пред канадскиот парламент во Отава, соопшти кабинетот на канадскиот премиер, пренесува Ројтерс.
Зеленски ќе го посети и Торонто за да се сретне со канадските бизнис лидери и да разговара за инвестициите на приватниот сектор во иднината на Украина, соопштија од кабинетот на канадскиот премиер.
„Канада останува непоколеблива во својата поддршка за народот на Украина додека тие се борат за нивниот суверенитет и нивната демократија, како и нашите заеднички вредности за почитување на владеењето на правото, слободата и самоопределувањето“, рече Трудо во изјавата.
Зеленски во четвртокот беше во Вашингтон, каде што се состана со американскиот претседател Џозеф Бајден и други американски претставници, еден ден откако тој лично се обрати пред Советот за безбедност на ОН, за прв пат по рускиот напад врз Украина.
Трудо ненајавено патуваше во Киев во јуни, каде им оддаде почит на украинските војници кои загинаа борејќи се против проруските сили од 2014 година, се состана со Зеленски и се обрати пред украинскиот парламент.
Членката на НАТО, Канада, која ја има една од најголемите украински дијаспори во светот, му обезбедува воена и финансиска помош на Киев од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.
Канада, исто така, им се придружи на другите западни сојузници во воведувањето санкции кон Русија поради нејзиниот напад врз Украина, според Ројтерс.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.