Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска изјави дека прекинот на огнот во руската војна против Украина нема да доведе до политички дијалог и само ќе биде од корист за Москва.
Зборувајќи со новинарите во главниот град на Естонија, Талин, за време на турнејата низ балтичките земји, Зеленски рече дека секоја пауза ќе ризикува да им се дозволи на руските сили да се прегрупираат и да го зголемат снабдувањето со муниција, за што рече дека Украина нема да ризикува, пренесе Ројтерс.
– Паузата не би довела до крај на војната, не би довела до политички дијалог со Русија или со кој било друг. И фала богу сето ова беше решено во Украина и нема да има прекин во корист на Русија – рече тој.
Говорејќи подоцна во латвискиот главен град Рига, тој рече дека Русија се подготвува да започне офанзива пред претседателските избори во март.
– Сакаат некои мали тактички победи пред (изборите) и се подготвуваат за нешто глобално или масовно потоа – рече Зеленски.
Според него, ситуацијата на фронтот е многу комплицирана бидејќи на Украина ѝ недостига оружје.
На патувањето во Литванија, Летонија и Естонија, кои се едни од најсилните поддржувачи на Киев во ЕУ и НАТО, Зеленски се надева дека ќе се спротивстави на заморот меѓу западните сојузници на Украина, ќе обезбеди поголема финансиска и воена помош и ќе разговара за обидот на Киев да се приклучи кон НАТО и ЕУ.
За време на престојот во Талин, тој предупреди дека на Украина ќе ѝ биде тешко да преживее доколку не добие одложен пакет финансиска поддршка од Европската унија.
Унгарија го блокираше пакетот во декември.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.