Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека смртта на десетина затвореници во затворот во Јеленовка во регионот на Доњецк е јасна причина легално да се признае Русија како држава што го спонзорира тероризмот.
„Посебно апелирам до Соединетите Американски Држави. Потребна е одлука и таа е потребна сега“, рече Зеленски во видео-обраќање, пренесува Ројтерс.
Министерството за одбрана на Русија вчера соопшти дека во гранатирањето на затворот во Јеленовка кое го извршиле украинските сили загинале 40 воени заробеници.
Руското Министерство наведува дека украинските војници извршиле напади од повеќецевни ракетни системи ХИМАРС во притворниот центар во Јеленовка, каде што се наоѓаат заробените припадници на украинските сили, вклучително и припадници на баталјонот Азов, пренесе РИА Новости.
Како што се наведува, загинале 40 заробени припадници на украинските сили, а 75 се ранети.
Во соопштението се наведува дека повредени се и осуммина вработени во притворот.
Украинската војска негираше дека извршила напад врз затвор на територијата што ја држат проруските сили.
„Всушност, точно е дека вооружените сили на Руската Федерација извршија артилериско гранатирање на казнено-поправниот дом во населбата Јеленовка во регионот Доњецк, каде што се сместени и украински воени затвореници. На тој начин рускиот окупатор го исполни својот криминална цел – да се обвини Украина за „воени злосторства“, а исто така, агресорот сакал да го скрие мачењето на затворениците и егзекуциите“, соопшти украинскиот Генералштаб, пренесува Ројтерс.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.