Зеленски: На Самитот на ЕУ во декември очекуваме одлука за почеток на пристапните преговори

Сподели со своите пријатели

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во Киев изјави дека сака „резултат“ на европскиот самит во декември, на кој ќе се направи проценка дали Украина е подготвена да ги започне преговорите за прием во Европската унија (ЕУ).

Loading...

„Во декември очекуваме резултат – политичка одлука за почеток на преговорите“ за пристапување, рече Зеленски на прес-конференција заедно со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателката на Молдавија, Маја Санду.

„Ќе направам се што е во моја моќ да ги убедам колегите дека ни треба одлука во декември“, рече Мишел и додаде дека не крие дека следниот самит ќе биде „тежок“.

Европската комисија на почетокот на ноември оцени дека Украина може да ги започне преговорите за влез во ЕУ, но за тоа ќе се разговара на самитот во средината на декември.

Зеленски побара од ЕУ да биде „конкретна и прецизна“ и да го оцени целиот напредок што Украина веќе го постигна на патот кон пристапување во ЕУ.

Европската комисија процени дека повеќе од 90 отсто од работата е веќе завршена.

ЕУ побара од Украина реформи конкретно за зајакнување на владеењето на правото, борбата против корупцијата и моќта на олигарсите.

„Направивме се што можевме, а останатото ќе биде направено“, рече Зеленски, додавајќи дека Парламентот гласал за реформи во согласност со барањата на ЕУ и дека неговата земја ќе ги исполни „условите“ што ќе бидат поставени.

Loading...

Европската унија има „морална должност“ и своја „стратешка одговорност“ да обезбеди позитивен одговор на Украина, рече Мишел.

Некои земји од ЕУ, сепак, се повнимателни кон големата земјоделска земја со 40 милиони жители и стравуваат од дестабилизација што може да ја предизвика нејзиното пристапување.

Со прифаќањето на Украина и Молдавија, кои исто така добија „зелено светло“ од Комисијата, како и Киев, ЕУ прави „стратешка инвестиција во мирот“, рече Мишел.

Претседателот на Молдавија истакна дека ЕУ не треба да ја користи ситуацијата во Придњестровје како причина да не ги отвори преговорите со Кишињев.

Проруската сепаратистичка територија што се граничи со Украина се отцепи од Молдавија во 1990-тите, а таму се стационирани руски војници.