Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ќе ја посети Велика Британија и ќе се сретне со британскиот премиер Риши Сунак, соопштија од кабинетот на Сунак.
Според информациите, Зеленски ќе ги посети украинските војници кои се на обука во Велика Британија и ќе се обрати пред британскиот парламент, пренесува Ројтерс.
Агенцијата наведува дека канцеларијата на Сунак објавила планови за проширување на обуката за вооружените сили на Украина и дека ќе бидат обучени борбени пилоти и маринци, како и ќе се забрза снабдувањето со опрема за украинската војска.
Обуката ќе им овозможи на пилотите во иднина да летаат со софистицирани борбени авиони по стандарди на НАТО, се вели во соопштението.
Посетата на Зеленски на Велика Британија сведочи за неговата храброст, решителност и борбеност на земјата, сведочи и за нераскинливото пријателство меѓу нашите две земји, се вели во соопштението на Сунак.
Сунак ќе понуди поддршка на Лондон за плановите на Зеленски да работи на праведен и траен мир за Украина, се наведува во соопштението од кабинетот на британскиот премиер.
Британија, исто така, во текот на денот ќе воведе дополнителни санкции кои имаат за цел да ги погодат оние кои му помогнале на рускиот претседател Владимир Путин да изгради лично богатство и компании кои профитираат од воената машина на Кремљ, се вели во соопштението.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.