Здружение на глуви и наглуви од Куманово вчера на прес конференција одржана пред општината упати јавна поддршка за независната кандидатура што до Државната изборна комисија ја поднесе актуелниот градоначалник Максим Димитриевски.
– Со задоволство се придружуваме на сите граѓани, кои како истомисленици, ја потпишаа оваа иницијатива. Несебично даваме поддршка на потегот на Максим Димитриевски, кој е сигурен во својата намера да продолжи по веќе започнатиот пат, во насока на развој на демократијата во нашата држава. Ние како Здружение застануваме на страната на Максим Димитриевски и неговиот неуморен тим, кој има една единствена цел, со приоритет, да работи за доброто на своите сограѓани, за подобро утре на сите нас, за подобри животни услови, за квалитетни услуги во рамките на државните институции, за поквалитетно образование, за помош на граѓаните, кои припаѓаат на социјално најзагрозените категории и сето она, кое во оваа прилика нема да биде спомнато, но ќе претставува неопходна потреба за нас граѓаните на Куманово, вели Деко Марков, секретар на здружението.
Како што додава тој, причина што ја даваат поддршката на Димитриевски е што ја препознале неговата секојдневна заложба за своите сограѓани, грижата во обезбедување на подобри услови за живот на секое поле од општествениот живот.
– Ние како Здружение на глуви и наглуви од Куманово сакаме да ја истакнеме одличната соработка со Градоначалникот Максим Димитриевски, кој е тука за нас во секое време, со кого имаме одлична соработка и кој ни излегува во пресрет секогаш кога тоа ќе го побараме од него. Благодарноста од наша страна до него е огромна, од причина што овој човек работи посветено, упорноста го води само напред, неговата намера да му даде на наше Куманово нов, модерен и современ лик му дава уште поголем поттик да продолжи да работи и да се труди, додава тој.
Максим Димитриевски, вели Марков, создаде континуитет во извршувањето на зацртаните задачи за доброто на сите нас, предвидените проекти чекор по чекор успешно се реализираат.
– Димитриевски е отворен за соработка секаде каде што има можност и поволност за тоа, тој е Градоначалник на сите граѓани на општина Куманово, без разлика на партиска или етничка припадност. Неговиот ангажман и посветеноста во работата вродија со плод, во кој можат да уживаат сите наши сограѓани. Даваме несебична поддршка на програмата на Максим Димитриевски, која се состои од значајни проекти за граѓаните и за наше Куманово, кои се неопходни за наше непречено функционирање и подобри услови за секојдневен живот, изјави Деко Марков, секретар на Здружението на глуви и наглуви од Куманово.
Никола Ивановски