Заврши 45. Ликовна колонија „Куманово“ (ФОТО+ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Четириесет и петото издание од ликовната колонија „Куманово“ вчеравечер и официјално заврши, а шеснаесетте ликовни уметници од земјата и странство оставија зад себе над 35 дела.

Loading...

Колонијата ја организираат Националната Установа Музеј и Општина Куманово, а уметниците твореа под инспирација на природните убавини на Меморијалниот центар „АСНОМ“ во Пелинце.

– Оваа наша ликовна колонија веќе 45 години опстојува, сега на различни локации, последните години во Меморијалниот музеј во Пелинце, а самите почетоци се во конаците на манастирот „Прохор Пчински“ во далечната 1974 година. Колонијата успешно е реализирана и можам да изразам благодарност до градоначалникот и Советот на Општина Куманово и на Министерството за култура, како и на Фондацијата и Секторот за култура и спорт, ЈП „Чистота и зеленило“, вработените во музејот и сите оние кои ни помогнаа за реализација на оваа колонија, изјави Богдан Таневски, директор на кумановскиот музеј.

Во повеќедневното творење единаесетте уметници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија создадоа 25 дела, кои ќе бидат изложени и пред кумановската јавност следната година.

Loading...

– Во нив можеме да го препознаеме ликовниот јазик на уметниците кои веќе се изградени со портфолија на домашната и странската сцена. Дела со фигуративни карактеристики, апстрактно-асоцијативни карактеристики и секако дела во кои се насетуваат впечатоците од нивниот престој тука во Пелинце, што значи дека како организатори сме ги исполниле нивните услови за убав и пријатен престој, а во однос на нивното творештво сме задоволни, изјави Драгана Спасовска, кустос во Музеј Куманово.

Дел од оваа ликовна колонија беше и уметникот Никола Пиеманов од Струмица, кој прв пат учествува во оваа колонија.

– Презадоволен сум, екипата беше одлична, млади уметници од Србија, Босна, Бугарија, запознавме нови сликари, местото е идеално за творештво, имаше креативна енергија, беше многу поладно од градовите, овие денови беше секаде жештина, условите во ателјето се задоволителни, направив две слики инспириран од посетата на манастирот во Старо Нагоричане, прошетавме и до Прохор Пчински и Кокино, го истраживме овој предел, иделен спој на историското и природното, таа преубава природа покрај реката Пчиња, изјави струмичкиот уметник.

Според градоначалникот Максим Димитриевски, колонијата има исклучително значење во делот на програмата на Фондацијата за култура и спорт.

– Повеќе од дваесетина дела, различни стилови на изразување на уметниците и она што е од особено значење за нас, повторно е од меѓународен карактер со учесници од четири држави. Воедно целата оваа колекција на дела ќе остане како трајна сопственост на Музејот и Општината и ќе влезе во културните добра на нашиот град и нашата држава, изјави градоначалникот Димитриевски.

Loading...

Интернационална по својот карактер и меѓу најстарите ликовни колонии во државава, „Куманово“ повеќе од четири децении се оддржува на различни локации, почнувајќи од манастирот Прохор Пчињски, манастирот во Матејче, а последниве години домаќин е Пелинце.

Фондот на оваа манифестација е над 800 дела, дел се чуваат во депото на музејот, а дел се дадени на институциите во градот.

Leave a Reply