Затворената балканска мигрантска рута отвора безбедносни ризици

Сподели со своите пријатели

Балканската мигрантска рута е затворена од 8 март 2016 година. Според официјалните податоци на земјите долж рутата во период од две години минале речиси еден милион луѓе. Македонија, како и другите земји на рутата, немаше план за одговор на кризата. Договорот за реадмисија на бегалци меѓу ЕУ и Турција и договорите за стандардизирана регистрација на мигранти долж западно-балканската рута, како и заеднички патроли на македонско-грчката граница, се само дел од заедничките напори на ЕУ за справување со кризата.

Затворањето на мигрантската рута ги испразни транзитните и прифатни центри во Македонија и полека ги одврати и најупорните кои чекаа за влез на границата со Грција. Две години од затворањето Македонија е технички и организациски на ниво на задачата и се следат движењата преку дивите гранични премини. Сепак, се додека мигрантите не се откажат од конечната цел да стигнат до Европа, дотогаш и илегалните групи и шверцери ќе изнаоѓаат нaчини за тоа.

Дел од бегалците успеваат во таа намера, но други често стануваат жртви на разни злоупотреби и измами, вклучувајќи трговија со луѓе.

Нема официјални податоци за бројката и профилот на мигрантите кои минале низ Македонија

Според Јасмин Реџепи од невладината Легис, низ Македонија во 2015 и 2016 година до затворање на рутата транзитирале од 800.000 до 1.000.000 лица.

– Доколку земеме предвид дека сме поделиле над 600.000 пакети храна, а не сме биле единствените што работеле на терен, во Гевгелија сме држеле само една третина од денот, а другите делови од денот Црвен крст и другите организации, тогаш бројката е многу поголема и се движи од 800.000 до 1.000.000 лица, изјави Реџепи.

Според Златко Николоски, главен инспектор во Националниот координативен центар за гранично управување, бројките на регистрирани лица кои минаа низ Македонија се некаде околу 450.000, но темната бројка, онаа вистинската е некаде околу 800.000 од причина што од почетокот на мигрантската страна не беше евидентирана како бројка.

– Само од јуни 2015 година наваму во таа цела бројка имаше некаде околу 20.000 деца непридружувани, без родители и некаде околу 130.000 деца во придружба со родители. Тоа покажува колку беше алармантна состојбата и едноставно целата мигрантска криза, но тоа покажува и колку беше сериозен предизвикот Македонија преку своите институции да се справи со таа криза, вели Николоски.

Особено сериозно прашање, нагласува тој, при менаџирање на кризата предизвикуваше состојбата што се појавија и криминални дејанија од страна на криминалци и од Македонија и од земјите по рутата на движење.

– Тоа беа трговци со луѓе, луѓе кои се занимаваат со прекуграничен криминал, криумчарење мигранти, тоа беа сериозни мешани миграции кои се случуваа во РМ. Тоа се зголеми по прекинување на рутата, можноста за понормално транзитирање се прекина и тогаш веќе се зголеми бројот на илегални движења. Оперативните служби се се уште на терен, па дури и осетливоста на оперативните служби во овој момент е многу поголема од причина што веќе сериозни се следи не само нашата држава, туку и регионот, особено Грција, рече Николоски.

Затворањето на границата ги активира илегалните премини

Според Реџепи од Легис, илегалната миграција не престана од затворањето на балканската рута.

– Еден од големите проблеми на затворањето на бегалската рута е повторното отворање на работата на криумчарите. Бидејќи бројот на бегалци во Грција не е променет откако се затвори бегалската рута во март 2016 година, имаше 60.000 бегалци и сега повторно гледаме дека има 60.000 бегалци. Имаше денови кога имаше луѓе над 100-200 што минуваа низ Македонија кон Србија, а во моментот таа бројка е околу 20-30 на ден што илегално минуваат од Грција во Македонија кон Србија, вели Реџепи.

Посочува дека е забележителен интересен тренд на луѓе кои се враќаат по автопатот пеш назад за Грција бидејќи гледаат дека од Србија за Европа е затворено, немаат надеж да продолжат и сакаат да се вратат назад на територијата на ЕУ во Грција за од таму да бараат азил или работа.

Николовски, пак, предупредува дека во моментот во Грција има некакво раздвижување на бегалци кои во последниот период дојдоа од Турција, како и дека имаат дури и сознанија за придвижување на одредени групи во големина од стотина лица кои веќе се движат кон северната граница.

– Во континуитет, не само сега, туку и пред големиот бран на бегалската криза имаше илегални групи и МВР преку организирани сектори на граничната полиција се бори против прекуграничниот криминал и илегалните минувања. Во овој момент точно е дека има помали групи што ја минуваат границата. Но, за разлика од тој бран, службите се многу пооперативни и ги имаат заземено сите клучни позиции. Секојдневно ги одвраќаме лицата кои се обидуваат да влезат во Македонија. Оние што ќе бидат фатени, тие случаи дефинитивно кривично правно се процесуираат и дефинитивно се поднесуваат кривични пријави и веќе имаме луѓе кои се во притвор, изјави Николоски.

Посочува дека тоа се македонски државјани, но генерално организатори на таков тип преминувања се страници и тоа лица од земјите од зоните на воени дејствија.

Во просек 50 луѓе на ден илегално влегуваат во Македонија

Претставникот на УНХЦР во Македонија Даг Сигурдсон, вели дека во 2017 година се забележани 14.200 илегални преминувања низ земјава, што во просек е 50 луѓе дневно.

– Сега за разлика од пред две години, карактеристично е што станува збор за друг профил на бегалци, односно 19 проценти се мажи сами, без семејство, кои самостојно не можат да ја преминат границата и користат други начини најчесто преку криумчарски канали, вели Сигурдсон.

Посочува дека во Македонија досега се поднесени 130 барања за азил, но барателите на азил најчесто исчезнуваат од земјата, пред да им биде процесиуирано нивното барање. Тој вели дека не може да се регистрира секое лице кое поминува низ земјава, токму поради тие илегални групи на криумчари на луѓе, и оттука произлегува проблемот што тие луѓе најчесто завршуваат како жртви на тргогвијата со луѓе.

Директорката на Хелсиншкиот комитет Уранија Пировска вели дека бегалците кои пристигнуваат во Табановце најчесто се поврзуваат со криумчарски групи за да најдат илегален излез од територијата на Македонија.

– Постојано апелираме на тоа дека луѓето ги снемува од камповите и добивме одговор дека МВР ќе презема повеќе мерки со цел да го следи движењето на бегалците кои од Табановце се движат кон околните села, бидејќи најчесто тие секогаш стануваат жртви на секаков вид злоупотреби, меѓу кои е и трговијата со луѓе, вели Пировска.

Македонија, истакнува Пировска, треба да биде свесна дека може повторно да се случи ескалација со бегалската криза.

– Се соочивме со невидена ескалација во ситуација кога немаше никакви услови во државата за тие да бидат заштитени и да им се овозможи соодветен престој. Во моментов имаме кампови кои се во многу подобра состојба од тие во Грција, вели Пировска.

Лицата повратници и илегалните премини – главен ризик фактор за безбедноста

Експертите предупредуваат дека со ослабнувањето на Исламската држава на терен и губењето територии на боиштата во Сирија и Либија, голем дел од странските борци ќе се обидат да се вратат во земјите од каде што заминале на боиштата. Само од Балканот има над 1.000 странски борци на боиштата во Сирија, а 60 проценти од нив се вратени.

Според Николоски, еден од безбедносните ризици е враќањето на лица кои веќе биле на воените терени и кои се радикализирани.

– Тие во овој момент можеби не се во една таква организирана форма за да можат да преземат безбедносни размрдувања на овој простор, но не се искучени нивните дејанија. Не е доволно само законски да ги регулирате проблемите, мора да се работи и на имплементација на законот. Од една страна, она што се вика санкционирање на такви лица, од друга стана да се изврши нивна ресоцијализација од причина што добар дел биле заведени и на некој начин заминале на воените подрачја. Треба да се работи со нив, но прво треба да се истражи од кривично правен агол да се види која е нивната одговорност. Можеби зад нив влечат сериозни дела извршени на подрачјата на воената зона. Но мислам дека треба да се работи пошироко и пак, тука регионалната соработка е многу битна, смета Николоски.

Неџад Корајлиќ, декан на Факултетот за криминалистика и безбедност на Универзитетот Сараево, смета дека една од опасностите е и можноста заедно со мигрантите да се инфилтираат и потенцијални терористи.

– Не се работи за класични терористички ќелии кои можат да се инфилтрираат, во последно време терористите делуваат од одредена идеја, не им е потребна организација, во последниве години гледаме атипично делување на терористи. Досега немавме такви делувања и безбедносните служби не беа подготвени на тоа, претходно секогаш размислувавме за тероризам со напад со експлозив, но видовме дека секојдневните средства што се користат во животот на луѓето, возила, разни орудија кои се користат можат да бидат употребени од терористи, вели Корајлиќ.

Според него,  проблем е и дерадикализација, односно како оние кои се веќе радикализирани да се вратат како корисни членови на општеството. – Меѓу нив има осуденици на боиштата во Сирија, БиХ, Македонија, кои издржуваат казна затвор, како да се вратат во општеството за да бидат корисни членови во него и да не повторат такви дела, рече Корајлиќ.

Реџепи од НВО Легис, смета дека оние што заминале и оние што се враќаат се голем потенцијален безбедносен ризик за граѓаните на Македонија и треба властите системски да работат на тоа поле.

– Ние како организација не сме насочени во таа насока. Ова е нешто со што треба државните инстутуции да работат. Таков план имаше Исламската верска заедница пред неколку години, која што бараше помош од амбасадите и од државата за да може да работи на превенција, но и на рехабилитација на оние што се веќе во затвор и осудени за такви дела. Што се случи понатаму немаме информации, изјави Реџепи.

Колку земјите во регионот се подготвени за нов бран бегалци

Јасмин Ахиќ, продекан на Факултетот за криминалистика, криминологија, и безбедносни студии при Универзитетот во Сараево, вели дека БиХ била заобиколена од мигрантскиот бран, а тоа се должи на лошата патна инфраструктура, како и на географската положба која е неповолна за премин кон други подрачја.

– Доколку би се случил нов мигранстки бран, Босна има капацитети да прифати 4.000 лица во азилантските центри, вели тој и додава дека Босна засега се соочува со спорадични премунувања на имигранти најчесто од Пакистан и Шри Ланка.

Тој смета дека Босна засега е со оскудни капацитети и е со краткорочни стратегии доколку се случи нов мигранстки бран.

Продеканот за наставна програма Иван Наѓ на универзитетот Велика Горица во Хрватска, рече дека Хрватска се најде во кризна ситуација со мигрантите, поради политички одлуки, каде мораше да ги прифати патиштата на движење на мигрантите, бидејќи по затворање на границите и подигнувањето ограда од Унгарија, патиштата на мигрантите се променија.

– На 15 септември 2015 година Хрватска е зафатена од енормен број мигранти. Државата, бидејќи сме земја членка на ЕУ, мораше своите политички одлуки да ги усклади со тие на Унијата и да заземе јасна стратегија како мигрантите кои се само во транзит низ Хрватска да ги прифати, смести и згрижи, односно да им даде одредени насоки за нивно движење. Половина милион мигранти кои минаа од 1 септември до 1 декември 2015 година е еден голем град, кој морше да се згрижи. Тие искуства на Хрватска, со организирање на движењето, прифаќањето, организација на сместувачки капацитети и згрижување, секако и големата помош што требаше да се пружи во хуманитарниот дел од храна, вода и лекови, сакаме ги пренесеме, а без заеднички активности на сите држави нема да има добри резултати, вели тој.

Наѓ смета дека мигрантската криза може да се повтори, но не така како што беше во 2015 година. – Дневно Хрватска во тие денови примаше од пет до 11 илјади луѓе во транзитниот дел. Сите мигранти имаат јасна карта во џеб каде сакаат да бидат. Некои поединици остануваат, но генерално во голем број заминуваат во западните држави, каде имаат цел, родители или семејство, рече продеканот на Универзитетот Велика Горица.

Бегалците наоѓаат нови рути и нови можности 

Последниот извештај на Агенцијата на Обединетите нации за бегалци УНХЦР, во третата четвртина од 2017 покажува промени во рутите што ги користат бегалците и мигрантите за да стигнат до Европа.

Директорка на европското биро на УНХЦР Паскал Моро, посочува дека иако најмногу бегалци во Европа пристигнуваат по море, интересно е тоа што најголем дел од Сиријците се движат по копно.

– Во Грција е забележан пораст во бројот на лица кои пристигнале преку море и преку копно од летото навака. Во септември, околу 4.800 лица стигнале до нејзиниот брег, а тоа е највисокиот број во еден месец од март 2016. Околу 80 проценти од луѓето кои пристигнале по море во Грција се државјани на Сирија, Ирак и Авганистан, од кои две третини се жени и деца, изјави Моро.

Извештајот исто така ја потенцира тешката состојба на многу жени и девојчиња кои се жртви на трговија со луѓе и на повеќе од 15.200 непридружувани и разделени деца кои пристигнале во Европа досега оваа година.

– И покрај намалувањето на бројот преминувања преку централно- средоземноморската рута, илјадници луѓе продолжуваат да поаѓаат на очајнички и опасни патувања до Европа. Заклучно со 20 ноември близу 3.000 луѓе се проценува дека се удавиле или исчезнале на море, а за уште 57 лица има информации дека загинале на копнените рути во Европа или на границите на Европа во 2017. Реалните бројки се веројатно повисоки, додава Моро.

Неда Димова Прокиќ / Александар Атанасов / МИА