Започнува втора фаза од времен режим на сообраќај на улицата „Ѓорче Петров“

Сподели со своите пријатели

Втора фаза од реконструкцијата на железничкиот мост на влезот од населбата Перо Чичо започнува оваа недела.

Loading...

Како што информираат од компанијата Х.Ф.Вибе, која е изведувач на проектот, од 16.03.2020 година, фирмата со своите подизведувачи ќе продолжи со изведба на градежни работи за реконструкција и рехабилитација на железнички премини на железничката пруга Куманово – Бељаковце, како дел од проектот за Рехабилитација на Железничкиот Коридор 8. 

– Во конкретниот случај, станува збор за еден дел од пообемен градежен зафат за изградба на вториот столб од новиот патен надвозник на ул. Ѓорче Петров, со кој ќе се обезбеди безбедно поврзување на населбата Перо Чичо со центарот на градот, информираат од компанијата.

Во текот на извршување на овие активности, сообраќајот на улицата „Ѓорче Петров“ и понатаму ќе се одвива под посебен времен режим, согласно Решението за утврдување на условите и режимот на сообраќај издадено од општина Куманово односно ќе започне имплементација на втората фаза на времениот режим. 

– Активностите за изградба на новиот надвозник ќе се одвиваат на едниот коловоз на ул. Ѓорче Петров, а локалното население ќе има слободен пристап до своите домови преку пешачките патеки, како и со користење на веќе постоечката сообраќајна инфраструктура. Преминот преку железничката линија ќе биде во целост блокиран со цел да се имплементираат безбедносни мерки за заштита на градилиштето и локалното население согласно Законот за градба. Оформувањето на градилиштето и неговото оградување е договорено во соработка со  сите засегнатите страни, стои во соопштението од Х.Ф.Вибе.

Од компанијата апелираат до локалното население да ја користи градската инфраструктурна мрежа и да придонесе за одржување на чистотата на локацијата.

– Во последно време ЈП Чистота и зеленило, општина Куманово и сите други заинтересирани страни вложија големи напори за чистење на илегалната депонија, велат од Х.Ф.Вибе.

Рокот на изведба на работите, како што појаснуваат, ќе зависи во најголем степен од успешната реализацијата на фазите на активности од сите вклучени компании. 

Loading...

Втората фаза на времениот режим ќе стапи во сила од 16.03.2020 година.

Инаку првата фаза започна во јули минатата година. Тогаш од компанијата најавија дека реконструкцијата на мостот ќе трае до ноември 2019, но сепак градежните работи се пролонгираа.

Никола Ивановски

Leave a Reply