Започнаа преговорите на Талибанците и Западот

Сподели со своите пријатели

Делегација на талибанците предводена од министерот за надворешни работи на Авганистан, Амир Кан Мутаки, денеска во Осло започнаа тридневни преговори со претставници на владите на Западна Европа и Соединетите Американски Држави (САД).

Loading...

Во преговорите кои започнаа поради влошувањето на хуманитарната состојба во Авганистан, учествува и граѓанскиот сектор на таа земја.

Според Радио Слободна Европа, предвидено е талибанците првиот ден да се сретнат со претставници на движењето за правата на жените, како и со активисти за човекови права од Авганистан и дијаспората.

Пред средбите, талибанците изјавија дека се надеваат на успех и се заблагодарија на Норвешка, велејќи дека очекуваат земјата да стане „порта за позитивни односи со Европа“.

Ова е прво официјално патување на талибанците во Европа по преземањето на власта во Авганистан во август минатата година.

Ниту една земја сè уште не го признала талибанското владеење, а норвешкиот министер за надворешни работи Аникен Хујтфелт истакна дека разговорите не претставуваат „легитимизација или признавање на талибанците“.

„Сепак, мораме да разговараме со владата на таа земја. Не можеме да дозволиме политичката ситуација да доведе до хуманитарна катастрофа“, рече Хајтфелт.