Економистот од Русија Сергеј Очигава успеал да одлета за Лос Анџелес без пасош, виза или авионски билет. Како тоа му успеално – не знае ни самиот.
Имено, според руските медиуми, Очигава бил приведен на 4 ноември на пасошката контрола на аеродромот во Лос Анџелес бидејќи службениците не можеле да го најдат на списокот на патници на ниту еден од меѓународните летови.
Исто така, тој немал ниту пасош, ниту виза, а на рочиштето рекол дека не се сеќава како се нашол во авионот на „Сас“.
При претресот на багажот, кај Очигава биле пронајдени руски и израелски документи, како и фотографија од пасош на мобилен телефон со неговото име, датум на раѓање и број на документ.
Сепак, не беше прецизирано која земја му издала пасош.
„Тврди дека не спиел три дена и дека не се сеќава што се случува“, се наведува во документот потпишан од агентот на ФБИ, пренесува Комерсант.
Претставниците на авиокомпанијата потврдија дека човекот бил на нивниот лет од Копенхаген.
Според нивните информации, тој не ја покажал картата за бординг и во авионот се качил на празно седиште.
Во текот на летот се однесувал чудно.
„Тој побарал по две порции за секој оброк и еднаш се обидел да го изеде чоколадото што било наменето за членовите на екипажот“, се наведува.
Судот во Лос Анџелес го обвини Очигава за патување без документи и го одведе во притвор.
Во документите потпишани од агентот на ФБИ се наведува дека Очигава е магистер по економија и маркетинг, а пред неколку години работел како економист во Русија.