Заев: Создаваме позитивен економски амбиент за нови инвестиции и развој на конкурентноста

Сподели со своите пријатели

Прогресот и благосостојбата на граѓаните ги гледаме преку успешноста на вашите бизниси, а вашиот успех е економски успех и на Владата и нејзините граѓани, затоа силно го поддржуваме стопанството, порача премиерот Зоран Заев на денешниот свечен прием во Владата по повод јубилејот  – 96 години од постоењето на Стопанската комора на Македонија.

Тој нагласи дека Владата ги гради економските политики преку заеднички дијалог со бизнис заедницата и создава позитивен економски амбиент за нови инвестиции и развој на конкурентноста.

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески го оцени Планот за економски раст како успешен проект кој воедно претставува и резултат на заложбите на Комората и изрази очекувања дека ќе придонесе кон значително раздвижување на економската инвестициска активност.

Loading...

– Мала држава како Македонија мора регионално да соработува и економски да се развива, Потребно е да им помогнеме на државните институции да ги зајакнат своите капацитети и да бидат вистински сервис на бизнисот и граѓаните. Заедно да градиме клима во државата за развој на бизнисот, посочи Азески.

Премиерот Заев порача дека Владата заедно со државните институции кои го опслужуваат бизнис секторот, веќе работат на поедноставување на административните постапки се цел да се поедностават процедурите и компаниите да ги реализираат своите планови навремено и без пречки.

– Се создава позитивен економски амбиент за нови инвестиции и развој на конкурентноста. Законското решение што го уредува Планот за економски раст е веќе прикачено на ЕНЕР. Ве повикувам да ги разгледате мерките и заедно да ги мотивираме домашните компании да ја искористат поддршката што државата им ја овозможува. Нивниот интерес е се поголем и слободно можам да кажам дека очекуваме многу нови инвестиции од домашни фирми во ТИР зоните и надвор од нив, посочи Заев.

Нагласи дека бизнис заедницата и Стопанската комора на Македонија преку вицепремиерот Кочо Анѓушев имаат свој претставник во Владата кој со огромното практичното знаење и прагматичниот пристап, но и со дијалог со бизнис секторот, посветено работи на креирање на економски политики.

– Успехот на Владата ќе го мериме преку успехот на економските параметри што ќе ги постигнува бизнис секторот, потенцира Заев.

На дебатата се разменија мислења и идеи поврзани со економските политики и постигнатите резултати. Како многу значајно беше истакнато изедначувањето на домашните со странските инвеститори и беше изразена взаемна согласност дека во иднина треба да се поддржи развојот на преработувачката индустрија.

На средбата на која присуствуваше и вицепремиерот  Анѓушев беше оценето дека соработката помеѓу Владата и Стопанската комора продолжува во насока на унапредување на економската клима во земјата.

Leave a Reply