Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Христијан Мицкоски и Зоран Заев се негативни на коронавирусот, но и покрај тоа ќе останат во самоизолација една недела, информираше на прес конференција министерот за здравство Венко Филипче.
– Пред половина час стигна резултатот на Зоран Заев и тој е негативен. Се продолжува согласно препораките кои важат за сите, а тоа е дека е препишана дополнителна самоизолација во траење од една недела од денешниот ден, имајќи го предвид вкупниот период од две недели, односно првичен контакт од заболениот. Сите оние кои досега имале контакт со нив, со оглед на тоа дека двата резултатит се негативни, не се во ризик, не треба да се тестираат и изолираат, изјави Филипче.
Приоритетот на тестовите на двајцата лидери, во однос на сите останати, како што објасни министерот е за да се заштитат државните интереси, но и медиумските работници со кои двајцата се во постојан контакт.
– Заев и Мицкоски се експонирани многу, имаат контакти со многу луѓе, претставници на институции, со Заев и министри во Владата, сакам јасно да кажам дека не станува збор за политички прироитети, туку заштита на државни интереси и функционалноста на институциите. Имаат интензивни контакти со претставници на медиумите, кои се нашите најсериозни и најважни партнери во битката против коронавирусот, една од целите беше тие да се заштитат и тие, како и медиумите каде двајцата лидери често настапуваат и гостуваат, појасни Филипче.
Мицкоски и Заев беа тестирани откако е потврдено присуство на коронавирус кај новинарот Гоце Михајловски од Канал5 каде минатата недела двајцата имаа свои настапни во емисијата „Само вистина“.
Никола Ивановски