Заев и Курти: Имаме силна политичка волја да ги засилиме и продлабочиме билатералните односи и соработката во сите области

Сподели со своите пријатели

Претседателите на Владите на Република Северна Македонија и на Република Косово Зоран Заев и Албин Курти на крајот од работната посета на косовската влада на нашата земја по повод заедничката меѓувладина седница, одржаа прес-конференција на која истакнаа дека имаат причини да изразат огромно задоволство од работата на седницата која беше оценета како историска и како точка на значајно унапредување на односите меѓу Скопје и Приштина.

Loading...

Премиерот Заев во своето обраќање истакна дека со години наназад двете држави развиваат одлични билатерални односи и успешна соработка водена од принципите на меѓусебна поддршка и почитување.

„Денешната прва заедничка седница меѓу Владите на двете земји ја сметам за исклучително позитивен импулс за натамошен развој и интензивирање на нашите односи и севкупната соработка. Иако заедничката седница ја реализиравме во сложени услови заради пандемијата со КОВИД-19, таа е јасен израз на нашата политичка волја и на интересите на двете земји дополнително да ги засилиме и продлабочиме билатералните односи и соработката во сите области од взаемен интерес“, потенцираше премиерот Заев на прес-конференцијата.

Тој додаде дека Северна Македонија и Косово ги поврзуваат многу заеднички интереси и дека соодветно на тоа економиите на двете земји се насочени една кон друга.

„Затоа во пакетот потпишани договори, меѓу другите, се најдоа и Договор за спојување на двата автопати во граничниот премин Блаце-Јанковиќ во рамките на изградбата на автопатската делница Скопје – Блаце ; Договорот за физибилити студија за патот Призрен – Тетово; Договорот за воспоставување заеднички гранични премини; како и Договорот за заеднички скијачки проект кој ќе ја поврзува Брезовица со Попова Шапка, кој воедно е и дел од Договорот за соработка во областа на туризмот“, рече премиерот Заев.

Тој додаде дека тоа се само дел од вкупно 11 договори, меморандуми и програми за соработка кои опфаќаат и соработка на меѓугранични проекти со поддршка на ИПА програмите на ЕУ, соработка на полето на енергетиката, како и на планот на културата и унапредување на заедничките иницијативи во иновациите и технолошкиот развој.

Заев потенцираше дека за Северна Македонија Косово е еден од најзначајните трговски партнери и очекува дека оваа година вкупната вредност на взаемната трговска размена ќе ја надмине бројката од 400 милиони евра.

Премиерот Заев посочи дека двете земји споделуваат уште една стратегиска цел–пристапувањето во членство во ЕУ.

Loading...

„Во оваа прилика сакам да ја искажам нашата искрена поддршка за визната либерализација за Косово со Европската Унија, и да повторам дека Република Северна Македонија е подготвена да ги сподели со Република Косово искуствата од нашата интеграција во НАТО до членството на нашиот сосед во алијансата“, нагласи претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев, и додаде дека во таа насока гледа и на испраќањето на 44 припадници на Армијата на Северна Македонија во составот на КФОР.

На крајот премиерот Заев истакна дека денеска беше убав и плоден ден, и дека во наредниот период министрите ќе бидат посветени на имплементација на задачите од потпишаните договори како импулс за развој на соработката и во многу други полиња во иднина.

Претседателот на Владата на Република Косово Албин Курти на прес -конференцијата ја оцени заедничката седница на владите на двете земји како историски настан во годината кога Северна Македонија слави 30 години од независноста, а Република Косово 13 години самостојност.

Премиерот Курти истакна дека заедничката седница ќе поттикне проширување на соработката меѓу двете земји на повеќе нови полиња.

Тој се заблагодари за срдечниот пречек и за одличната подготовка која што ѝ претходеше на заедничката седница која ја нарече нова етапа за заеднички проекти кои треба да го олеснат животот на граѓаните од двете страни на границата меѓу нашите земји.

„Досега имаме 44, а сега уште 11 договори и тоа само по себе зборува за динамичната и сеопфатна соработка меѓу Северна Македонија и Косово. Како земји со исти цели за евроинтеграција, многу е битна и меѓуграничната соработка и соработката во борбата со организираниот и транснационалниот криминал, како и со корупцијата“, рече премиерот Курти на прес-конференција после заедничката седница на владите на Република Северна Македонија и на Република Косово.