За зимскиот мраз е резервирана сол во вредност од 3,4 милиони евра, добавувачот со „солени“ профити

Сподели со своите пријатели

Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, Македонија пат, склучи договор за двегодишна набавка на индустриска сол во вредност од 2,9 милиони евра без ДДВ, односно 3,4 милиони евра со данок. На огласот за јавна набавка се јавиле 4 компании, но избраната компанија, ДИМАКС РУДНИЦИ, од с. Сопотница, Демир Хисар, понудила најниска цена – 5.588 денари за тон, без ДДВ. Највисоката понудена цена, пак, била 11.000 денари.

Loading...

Договорот е рамковен, што значи дека и не мора да се искористи целата количина на сол – 32.229 тони, доколку нема потреба од неа. Како што пишува во договорот, во рамковната цена се вклучени сите трошоци и компанијата е должна по направената нарачка да ја превезе солта со посебно товарно возило со заштитна церада до зимските пунктови наведени од страна на Јавното претпријатие.

ДИМАКС РУДНИЦИ веќе е редовен снабдувач со индустриска сол на претпријатието за одржување на магистралните и регионалните патишта. Но, ова претпријатие го снабдува Македонија пат и со разни други потребни материјали, како што е ризла за зимско одржување на патишта, за што за годинава е склучен двегодишен договор од 108.000 евра, а може да се сретне и како продавач на кршен камен и камено брашно од варовничко потекло.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Ќе ги одработуваат ли учениците двата дена избори?

ВО 2021 И 2022 ГОДИНА ЗА ЗАМРЗНАТИТЕ ПАТИШТА СЕ ПОТРОШЕНИ 2,66 МИЛИОНИ ЕВРА

Претходниот договор за набавка на сол за патишта е склучен на 27 април 2020 година, исто е двегодишен, и, исто, е со Димакс рудници. Двегодишниот рамковен договор е за набавка на 59.555 тони сол, што е повеќе од двојно од сега, па и вредноста била повеќе од двојно поголема од сегашната, односно изнесувала 6,9 милиони евра, но тоа не значи дека и толку пари се потрошиле. Реализацијата на овој договор, според Е-набавки, е 2,66 милиони евра. Значи, во 2021 и на почетокот на 2022 година, на државно ниво, за магистралните и регионалните патишта се потрошени 2,66 милиони евра, или просекот бил 1,33 милиони евра годишно. Во овој период, истото претпријатие ја продало солта по повисока цена од онаа што е во сегашниот договор, тогаш еден тон сол чинел 6.044 денари. Но, не е ни чудо, затоа што тогаш, а и претходните години кога рудникот учествувал на конкурс, имало само еден понудувач, додека сега конкуренцијата од уште 3 пријавени компании си го направила своето.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Каква е излезноста во Македонија до 9 часот?

Договор со оваа компанија е склучен и во 2019 година, а рамката за едногодишна набавка на сол била 2,8 милиони евра, но на Е-набавки нема известување за тоа во колкав износ е реализиран договорот. Се склучил договор за 24.150 тони сол по 6.045 денари за тон.

Рамковен договор имало и во 2018 година и изнесувал 2,4 милиони евра, а во 2017 година едногодишна рамковна цена изнесувала 1,4 милиони евра.

Рамковни договори за набавка на сол склучени со ДИМАКС РУДНИЦИ

ГОДИНА СКЛУЧЕН РАМКОВЕН ДОГОВОР РЕАЛИЗИРАН ДОГОВОР
2022 2,9 милиони евра (двегодишен) /
2020 6,9 милиони евра (двегодишен) 2.66 милиони евра
2019 2,8 милиони евра (едногодишен) /
2018 2,4 милиони евра (едногодишен) /
2017 1,4 милиони евра (едногодишен) /
ПРОЧИТАЈТЕ И:  Работодавачите утре да не извршуваат дејност, предупреди Државниот инспекторат

Извор: Биро за јавни набавки

СО СКРОМЕН БРОЈ НА ВРАБОТЕНИ ДО ГОЛЕМИ ЗДЕЛКИ

Менаџментот на Димакс рудници може да се пофали дека знае добро да работи, Компанијата е константно во плус, а најдобро поминала во 2017 година, од анализираните последни 5 години.

Loading...

Тогаш имала и најмногу вработени ‒ 23, додека сега има 16 вработени. Со оглед на големите зделки што ги прави компанијата на тендерите за јавни набавки, очигледен е скромниот број на вработени.

ГОДИНА ДОБИВКИ ПРОСЕЧЕН БРОЈ НА ВРАБОТЕНИ
2017 538.000 евра 23
2018 187.000 евра 20
2019 447.000 евра 22
2020 422.000 евра 19
2021 436.000 евра 16

Извор: Бизнис мережа

Најголемиот корисник на услугите на ова успешна компанија, Македонија пат, не може да се пофали со добри финансиски резултати. Лани била во загуба од 2,5 милиони евра, а во 2020 година успеала да реализира добивка од 32.500 евра.

Целата објава е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/za-zimskiot-mraz-e-rezervirana-sol-vo-vrednost-od-34-milioni-evra/