За потеклото на населението во Кумановскиот крај

Сподели со своите пријатели

Во западниот дел од Кумановскиот крај, сега населението во најголем дел е муслиманско – албанско. Во останатите делови од Кумановскиот крај – средниот, источниот и југоисточниот (за кои овде ќе зборуваме), во огромно мнозинство е застапено христијанско – словенско население.

Нашето население во Кумановскиот крај, главно е поделено на три групи: П о л ц и  кои се сконцентрирани во средишниот дел,  Ш о п о в и  кои  се застапени во источниот дел и  К о т о р ц и  кои  се застапени во југоисточниот дел на областа, (види карта).  Незабележителни се преодите меѓу споменатите етнички групи, како и премините кон нашето население во околните области – Горна Пчиња, Славиште во средниот дел на сливот од Крива Река (околината на Кр. Паланка), Овчеполската и Скопската Котлина. Меѓутоа, тоа, иако е етнографски многу изедначено, по Втората светска војна во службените пописи, запишувано е како македонско и српско. Има случаи како Македонци да се запишани стари и понови доселеници од областа во соседна Србија, како што понекаде во Срби запишани се и жители чие потекло е од денешната територија на Р. Македонија.

Оази на несловенско население претставуваат особено малобројните Роми и Власи. Ромите се главно застапени со по некое домаќинство во одделни села, пред сè по долината на реката Пчиња. Низ таа долина порано водел стар пат, со правец Солун – Штип – Врање – Белград. Власи има само во едно село – во Доброшане. Лежи во долината на Кумановска Река, десна притока на реката Пчиња. Во минатото, Власи имало и во другите села во Кумановскиот крај, во Макреш, Стрезовце и во близина на с. Бајловце, во сега исчезнатото село Блаце.

Кумановскиот крај се наоѓа во средишниот дел на Балканскиот Полуостров и лесно е отворен за сообраќај, најповеќе во правец С-Ј и обратно. Затоа таа никогаш не била мирна етничка миграциона средина. Непрекинато постоеле процеси и движења кај населението – иселување и доселување. Понатаму имало страдање од оружје, повремени умирања од гладување и колера. Миграционите движњеа  на населението се вршат и денес.

Сепак, се поставува прашање: какво е потеклото на денешното словенско население во селата од Кумановскиот крај ? Старинците не претставуваат повеќе од една четвртина на населението, додека останатите се доселеници од разни страни. Освен тоа старинците не се групирани на одделни делови во областа, туку се многу расфрлани. Нешто поголеми или помали групи на старинечки родови се наоѓаат во овие кумановски села: Градиште, Проевце, Алинце, Канарево, Режановце, Облавце, Дејловце, Орах, Руѓинце, Војник, Добрача, Враготурце, Пелинце и т.н. Меѓутоа, истражувањата изненадуваат со резултатот колку во тие села имало старо словенско население и колку покасно исчезнало. Потполно исчезнале старинечките родови, особено од западниот дел на областа, во кои сега преовладуваат доселени муслимански Албанци.

Во секој дел од Кумановскиот крај доселените жители имаат разновидно потекло – дојдени се од блиски и подалечни краишта. Сепак, најголеми се две групи од доселениците: едни од области на територија ви денешна Р. Македонија, други од области на територијата во денешна соседна Р. Србија.

Доселениците од области на територија во Македонија, најповеќе потекнуваат од околината на Кр. Паланка, Кратово и од Карадаг (западниот дел на кумановскиот крај). Доселеници од околината на Кр. Паланка има во овие кумановски села: Лопате, Г. Којнаре, Д. Којнаре, Умин Дол, Проевце, Биљановце, Љубодраг, Осиче, Кучкарево, Скачковце, Косматац, Јачинце, Клечовце.  На пример сите доселеници во селото Косматац потекнуваат од околината на Кр. Паланка. Доселеници од околината на Кратово има во овие кумановски села: Бељаковце, Клечовце, Пендаќ, Руѓинце, Шупли Камен, Доброшане, Љубодраг, Градиште. Доселеници од овчеполскиот крај има во овие кумановски села: Габреш, Скачковце, Живиње. Доселеници од Карадаг  има во овие кумановски села: Четирце, Карабичане, Петровце, Кучкарево, Градиште, Жељувино, Рајкова Куќа, Опае, Доброшане, Шупли Камен, Биљановце и т.н. Во с. Градиште и уште во некои други села постојат таканаречени Карадачки маали, по местото на населението од каде потекнуваат.

На ова место наведуваме само еден поодреден пример. Денешниот македонски род  Ќ е н е в ц и, во селото Кучкарево води потекло од сегашното големо албанско село Брест на Кумановска Црна Гора (Карадаг). Во селото Брест живееле три брата, кои биле страсни ловџии. Меѓутоа, пред околу 200 години тие дошле во судир со некои Албанци само поради ловечкото куче. Албанците им го украле кучето. Избила караница во кои браќата убиле еден Албанец и веднаш го напуштиле селото Брест. Едниот брат, по име Ќено, дошол во Кучкарево, додека другите два брата отишле во селото Рудник кај Велес.

 

Loading...

 

Доселеници од области на територијата во Р. Србија, најповеќе потекнуваат од Горна Пчиња (Трговишка област), врањско – прешевскиот крај, околината на Пирот, околина на Гнилане, од Ресава и т.н. Доселеници од Горна Пчиња се  н а ј б р о ј н и  и нив ги има во овие кумановски села: Алгуња, Челопек, Сушево, Умин Дол, Ново Село, Лопате, Љубодраг, Речица, Табановце, Рамно, Арбанашко, Степанце, Карловце и т.н. Доселеници од околината на Пирот има во овие кумановски села: Тромеѓа, Речица, Д. Којнаре, Табановце, Умин Дол, Ново Село. Доселеници од околината на Гнилане (Косово) има во Никуљане. Доселеници од околината на Врање има во: Ст. Нагоричане, Четирце, Карабичане, Градиште, Кучкарево, Мургаш, Кутлибег. Други српски доселеници има во овие кумановски села: Коинце, Драгоманце, Врачевце, Кокино, Бајловце, Опае, Љубодраг Пелинце, Г. Којнаре, Тромеѓа, Стрезовце и т.н.

Во кумановскиот крај има и нешто словенски доселеници од Албанија, па српски иселеници од Хрватска (Лика и Банија). Претставници од првата група денес има во овие кумановски села: Орашац, Жегљане. Тоа се остатоци од словенското население, кое живеело во Албанија уште во средниот век. Претставници од втората група денес има во овие кумановски села: Умин Дол и Тромеѓа.

На тој начин во селата од Кумановскиот крај се набрало јужнословенско население со разновидно потекло. Едни се доселеници од понапрежно време – до ослободувањето од турската власт, додека другите се доселеници од поново време – помеѓу двете светски војни, и по Втората светска војна.

Меѓу доселениците од времето на турското владеење има доста такви родови, кои при миграцијата не се преселувале од економска причина: напуштале стари плодни села во други краишта да би се населиле во поедини кумановски доста посиромашни населби. Причините за нивната миграција се од морален вид: не можеле да поднесуваат зулуми кои ги уништувале, па го напуштале родниот крај, не водејќи сметка за материјалните интереси. Од таква причина се населиле некои родови во с. Жељувино.

За време на Караѓорѓевото востание, особено по задушувањето на востанието 1813 год., поединечни Турци и Албанци, за чифчии во Кумановскиот крај доведувале заробеници од Србија. Во тие заробеници се наоѓале и жени и девојки со мали деца. Потекнувале од Ресава, околината на Параќин, околината на Крагуевац и т.н. Од такви доселеници потекнуваат поединечни родови во овие кумановски села: Кокино, Бајловце, Пузаљка, Коинце и Драгоманце.

За потеклото на населението во западниот дел на Кумановскиот крај, каде денеска преовладуваат муслимански албанци ќе кажеме збор-два во некоја друга статија.

Извор:

Ј.Х. Васиљевић (1909) – Јужна Стара Србија (Кумановска Област), Издање задужбине И. М. Коларца,  Београд.

Ј. Ф. Трифуноски (1974) – Кумановска област, Скопје

Ј. Ф. Трифуноски – Запажања о стаовништву у Кумановској области. Гласник Српског географског друштва. св. 50. бр. 2 Београд 1970. стр. 133-136

Пишува: Филип Ѓошевски – Дипломиран географ