За осум месеци 91 лице загинале во сообраќајки на македонските патишта

Сподели со своите пријатели

Сообраќајните незгоди со тешки и фатални последици за жал станаа составен дел од секој продолжен викенд. Сообраќајните билтени на МВР покажуваат дека моментите наменети за одмор и славење многу често се претвораат во семејна трагедија која остава долги и фатални последици.

Септември е период во годината кој е соодветен за организирање на продолжен одмор или пократко патување во земјата или соседството. Карактеристично за секој продолжен викенд е зголемениот интензитет на сообраќај и поголемата фреквенција на автомобили, а тоа во комбинација со неодгoворното учество во сообраќајот може да доведе до зголемување на бројот на сообраќајни незгоди  и зголемување на  бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди.

Пред нас е уште еден продолжен викенд и уште еден предизвик и искушение кога е во прашање безбедноста во сообраќајот. Токму затоа, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни и одговорни, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација, да внимават на правилата за ограничување на брзината, да не престигнуваат неправилно и да не управуваат моторно возило под дејство на алкохол.

Периодот од јуни до септември во светот е познат како 100-те најцрни денови на патиштата.  Неофицијалните статистички податоци покажуваат дека од почетокот на годината па досега, 91 лицe го загубиле животот во сообраќајни незгоди на патиштата во Република Македонија, од кои 48 лица во првите 6 месеци и дури 43 лица во месец  јули и август.

Анализите и статистиката покажуваат дека за време на продолжен викенд  посебно е голем бројот на сообраќајни незгоди предизвикани од само еден учесник во сообраќајот, односно излетување на возилото од коловозот поради брзо возење, возење под одвлечено внимание или поради возење под дејство на алкохол. Комбинацијата од сите три фактори речиси  секогаш е фатална. Неправилното пристигнување и недржење на страна и правец на движење, исто така спаѓаат во групата на водечки причини за сообраќајни незгоди од посериозен карактер.

Особено важно е да се истакне,  дека за време на викенд зголемено е учеството на пешаците, велосипедистите и мотоциклистите во сообраќајот и РСБСП посебно апелира кон возачите да бидат внимателни и да ги почитуваат и чуваат оваа група на ранливи учесници во сообраќајот.

РСБСП потсетува дека  меѓусебното почитување, почитувањето на сообраќајната сигнализација и сообраќајните знаци е основно правило за безбедно управување со возилото и претставува гаранција за безбедно одвивање на сообраќајот.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на  патиштата  на сите граѓани на Република Македонија им го честита празникот на независноста  „ 8-Септември“  и повикува на  одговорно учество во сообраќајот и безбедно пристигнување на посакуваната дестинација.

Возете одговорно и не дозволувајте моментите наменети за уживање да се претворат во трагедија!

текст:курир.мк/ фото: архива