За едно заробено население од Србија 1813 година населено во кумановскиот крај

Сподели со своите пријатели

Муслиманското население (Турците, Албанците и Торбешите) од територијата на Република Македонија, како османлиски војници, на почетокот на 19 век учествувале во војните против српското востание под водство на вождот Караѓорѓе.

Кога востанието конечно било крваво задушено 1813 год., поединечни муслимани со себе повеле српски заробеници, пред сè жени и деца. Нив ги населувале во своите села, на чифлици или ги продавале. Заробено население од Србија, освен во Кумановскиот крај на територијата на Република Македонија било населувано и во околината на Крива Паланка, Кратово, Кичево и Струмица. Во кумановско, население кое потекнува од српски доселеници населени 1813 год. се застапени во 10 села.

К о к и н о  се наоѓа североисточно од Куманово, на блага падина на планината Козјак. Се зборува дека тоа мало село го основало население кое еден кратовски бег го довело на своја земја. Потекнувале од разни краишта во Србија, на пример од Ресава и др. Нив Албанците и Турците ги довеле во Куманово како заробеници по задушеното Караѓорѓево востание 1813 год., и тука ги продавале. Меѓу тоа население во Кокино била и една жена со синот. Од нејзиниот син потекнува денешниот селски род Р е с а в ц и. Други родови во Кокино се: М а ј с т о р о в ц и,  Д о д а н ц и,  Ѓ у к и н ц и  и  Б у к о л о в ц и. И тие потекнуваат од предок кои во споменатата година биле тука населени како заробеници од Србија. Меѓутоа за нивното точно место на потекло денес не се знае.

К о и н ц е  е мало село покрај коритото на р. Пчиња од нејзината лева страна (североисточно од Куманово). Селото е основано на почетокот на 19 век. Го основале три домаќинства населени од Србија. Тие домаќинства се нарекувале: М а р и ќ е в с к о,  К а ј и ќ е в с к о  и  П а н и ќ е в с к о. Дошле од некоја населба од моравска Србија. Од првото домаќинство 1970 год. имало 22, од второто 9, а од третото 4 куќи.

Д р а г о м а н ц е  исто така е мало село. Се наоѓа во близина на споменатото Коинце. Во оваа село постојат родови: П о п и ќ е в ц и,  Б р з а ц и  и  М а ц а н ц и. Потекнуваат од предци кои биле доселени на почетокот на 19 век. Се зборува дека биле доселени од селото Поповац од околината на Параќин (Србија).

В р а ч е в ц е  е мало село покрај соседните споменати Коинце и Драгоманце. Во Врачевце, по потекло карактеристичен е родот  С т о ш и н ц и. Тука тие дошле од споменатото Драгоманце, додека подалечното потекло им е како во наведеното Драгоманце, село Поповац од околината на Параќин.

П у з а љ к а  е исто така мало село недалеку од Драгоманце и Врачевце. Се наоѓа лево од коритото на р. Пчиња. Таму се интересни родовите  Д р ш љ а н ц и  и  К и р и н ц и, доселени од наведеното Драгоманце, а подалечно потекло им е од наведеното Поповац, од околината на Параќин.

Д о б р а ч а  исто така се наоѓа во близината на наведените села, лево од коритото на Пчиња. Традицијата наведува како најпрво денес домаќинствата во Добрача потекнуваат од некогашни „две куќи“, доселени од некоја земја во кое било големо „бегање“. Со оглед на тоа дека во Добрача се има предание за онаа време кога Турците после задушеното Караѓорѓево востание тука довеле бројни жени и девојки од Србија кои потоа ги продавале, па затоа е можно дека и потеклото на наведените два рода се од Србија. Тоа по сè го потврдуваат и некои други одлики на оваа население.

С т р н о в а ц  е село јужно од Драгоманце и Врачевце, исто така лево од р. Пчиња. Во тоа село големиот род  Б и р и з о в ч а н и, доселен е од споменатото Драгоманце. Меѓутоа подалечното потекло им е од споменатата населба Поповац од околината на Параќин.

Б а ј л о в ц е  се наоѓа не многу далеку од наведеното козјачко село Кокино. Во тоа село родовите  В и с о ч а н и,  Т р е с о г л а в ц и,  Р у д и њ ц и  и  Г е р а с и н ц и, потекнуваат од предци доселени од околината на Крагуевац. И нивното доселување воглавно паѓа на почетокот на 19 век.

Ш у п л и  К а м е н  е село во југоисточен дел во Кумановската област. Таму постои род Ј а с т р е б о в и. Доселени се во првата половина на 19 век „од Јастреб планина“ во Србија. Тоа секако е планината Јастребац кај Крушевац.

С т р е з о в ц е  е село во самата долина на р. Пчиња, источно од познатото кумановско село Младо Нагоричане. Во тоа село родот  П о п и н ц и  имаат предание дека водат потекло некаде од Србија.

Од претходното можеме да заклучиме дека сите наведени села во Кумановскиот крај се наоѓаат лево од реката Пчиња и околу уситието на Крива Река во Пчиња. Тоа е предел кој се нарекува Средорек. Населението во тие селски населби секогаш подеднакво се занимавале со земјоделство и сточарство. Некои до крајот на турското владеење 1912 год. обработувале беговска земја. Доселениците од Србија не можеле да бираат област и село каде ке се населат. По сè изгледа тие особено брзо и лесно се прилагодиле на обичаите и животот на окoлното население. Ја примиле нивната носиа, дијалектот и начинот на однесување. Така се вршело изедначување и прилагодување на населението со околината.

Извор:

Ј. Х. Васиљевић – Кумановска област, Београд 1909

Ј.Ф. Трифуноски – Кумановска област, Скопје 1974

Ј.Ф. Трифуноски – Србијанско заробљено становништво 1813 год. насељено у Македонији, (Гласник српског географског друштва), Година 1977

Подготвил: Филип Ѓошевски – Дипломиран географ