Во ноќта меѓу 24 и 25 јуни 2025 година, на територијата на Општина Куманово ќе се спроведе втората фаза од терестичката дезинсекција, насочена кон третирање на возрасната форма на комарци, информираат од Општина Куманово.
„Третманот ќе започне од полноќ и ќе се спроведува во раните утрински часови“, стои во соопштението на општината.
Операцијата ќе опфати низа локации низ градот, меѓу кои централното градско подрачје, кејот на реката Кумановка, населбите Диво насеље, Зелен рид и Перо Чичо, како и село Романовце и м.в. Бејтови ниви.
Посебен акцент ќе биде ставен на подрачјето околу Општата болница, училиштето „Толи Зордумис“ и градските гробишта.
Како што информира Општина Куманово, при третманот ќе се користи препаратот AQUA KOTHRINE, чија активна супстанца е Deltamethrine, кој се применува за контрола на возрасни форми на инсекти.
„Ги замолуваме граѓаните да покажат разбирање и да избегнуваат непотребно движење во раните утрински часови во зоните каде ќе се врши прскање“, додаваат од општината.
Од Општина Куманово нагласуваат дека доколку временските услови бидат неповолни, дезинсекцијата ќе биде одложена и ќе се спроведе во првиот следен ден со соодветни услови.
Никола Ивановски