Вработените во јавниот транспорт во Германија следната недела во штрајк

Сподели со своите пријатели

Германскиот синдикат Верди денеска ги повика работниците во јавниот транспорт следната недела да стапат на предупредувачки штрајк низ целата земја, втор пат овој месец, за да го засилат притисокот врз работодавците во спорот за платите и работните услови.

Loading...

Како што изјави Верди, кој меѓу другото бара подобри услови за работа за вработените во јавниот превоз, штрајковите ќе се одржуваат во различни денови во сите германски сојузни покраини, освен во Баварија, а 1 март ќе биде главен ден на штрајкот, јавува Дојче веле.

Верди, кој претставува околу 90.000 вработени од повеќе од 130 општински компании, рече дека преговорите за платите со работодавците во јавниот превоз се заглавени во сите германски покраини, додаде Ројтерс.

Штрајкот треба да започне во понеделник и да трае до сабота, додаде Верди.

„Во одредени сојузни држави, штрајковите ќе се одржуваат во различни денови во овој период – главно цел ден, а повеќето ќе траат неколку дена“, рече Верди.

Движењето против климатските промени „Петоци за иднината“ ја поддржа акцијата и најави дека на 1 март ќе организира и демонстрации за да побара повеќе акција за климатските промени и поголеми инвестиции во јавниот транспорт.

Германија се соочува со серија штрајкови кои влијаат на воздушниот и железничкиот сообраќај бидејќи работниците бараат повисоки плати од работодавците поради високата инфлација.