Војната е завршена, вели портпаролот на Талибанците

Сподели со своите пријатели

Портпаролот на политичката канцеларија на Талибанците, Мохамед Наим, за катарската телевизија Ал-Џезира изјави дека војната во Авганистан е завршена, дека сакаат да имаат односи со меѓународната заедница и дека тоа го сакаат преку дијалог.

Loading...

„Го постигнавме она што го сакавме, а тоа е слободата на нашата земја и независноста на нашиот народ. Подготвени сме да разговараме со сите фактори во земјата и да им ја гарантираме потребната заштита”, рече Наим, додавајќи дека талибанците го почитуваат правата и слободата на жените и малцинствата и изразување во рамките на шеријатското право.

Тој нагласи дека ниту една дипломатска мисија не била цел и дека ќе обезбеди сигурност за сите граѓани и дипломатски мисии во Авганистан.

„Веруваме дека странските сили нема да се обидат повторно со проекти кои пропаднаа. Нема да дозволиме никој да ја користи нашата земја за да нападне други и не сакаме да повредиме никого. Нема да се мешаме во работите на другите, но ние нема да дозволиме другите да се мешаат во нашите работи“, изјави портпаролот на политичката канцеларија на Талибан.

Неим рече дека се подготвени да разговараат за она што ја мачи меѓународната заедница сега кога Талибанците ја презедоа власта во земјата.

„Го преземаме секој чекор одговорно за да бидеме во мир со сите. Подготвени сме да разговараме за она што ја мачи меѓународната заедница . Не сакаме да живееме изолирано и сакаме да имаме односи со меѓународната заедница. Имаме неколку канали за комуникација со странски земји и сакаме да ги развиваме. Ги замолуваме само сите земји да седнат со нас на маса за решавање проблеми“.