Водостопанство “Кумановско – липковско поле” од денес требаше да биде припоено кон А.Д за водостопанство

Сподели со своите пријатели

Согласно најавите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, денес требаше да започне со работа новото Акционерско друштво „Водостопанство“, кое ќе управува со сите системи за наводнување, со објавување оглас за извршен директор од страна на Владата на РМ што заврши на 31 август.

Loading...

Со владината одлука, на ниво на Македонија беше предвидена централизација на 12 јавни претпријатија за водостопанство, вклучувајќи го и кумановското претпријатие Водостопанство “Кумановско – липковско поле”.

Со почетокот на работата на „Водостопанство“ како што во август најави заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски , водостопанските претријатија кои постојат и водните заедници кои се уште се актуелни, ќе бидат затворени. Целата инфраструктура што е во нивна сопственост ќе премине во целосна надлежност на „Водостопанство“ на Република Македонија.

Според информациите, ЈП Кумановско – липковско поле и покрај најавеното припојување, засега функционира како и досега, и останува неизвесно кога ќе се случи најавената фузија на овие јавни претрпријатиа кон едно акционерско друштво, и како ќе се одвива целиот процес на централизација, во услови кога и ликвидацијата на некогашното ЈП Водостопанство Куманово не е завршена докрај.

Со припојување кон едно акционерско друштво, јавноста во Куманово очекуваше и можен расплет на долгогодишниот спор помеѓу ЈП “Кумановско – липковско поле” и ЈП “Водовод” за цената на сирова вода испорачана кон Водовод, односно, постигнување договор за заостанатите долгови и ставање крај на судските спорови и препукувања на сметка на граѓаните на Куманово.

Водостопанство “Кумановско – липковско поле” меѓу другото задолжено и за стопанисување со браните Липково и Глажња, како и за системот за наводнување, започна со работа по прогласување стечај на ЈП Водостопанство, и беше формирано со одлука на Владата во април 2008, со најави во 2013 година дека ова претпријатие ќе вложи во нови проекти што ќе се реализираат во делот на браните за обнова на каналската мрежа во долж од 165 километри квадратни.

Неодамна, министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири на конференцијата „Состојбата со водостопанската инфрастуктура“, истакна дека во текот на 2014 година, Комисијата за брани во соработка со Министерството извршила теренски увид на 43 брани во државата кога било оценето дека состојбата на браните Глажња и Липково е алармантна и бара итна санација.