Директорот на Фондот за население на ОН за Србија, Џон Кенеди Мосоти изјави дека на 15 ноември ќе се роди осум милијардитиот жител на планетата Земја и дека до осумдесеттите години на овој век на нашата планета ќе има 10,4 милијарди жители.
Мосоти изјави дека светската популација пораснала од седум на осум милијарди за само 12 години и дека, откако ќе го достигне врвот од 10,4 милијарди, ќе остане на тој број до крајот на овој век.
– Кога ќе ги погледнеме континентите, можеме да заклучиме дека до осум милијарди жители стигнавме пред се благодарение на демографската експанзија на Азија. Втор најголем придонес има Африка од речиси 400 милиони луѓе, а меѓу земјите првенствено се Индија, Кина и Нигерија – изјави Мосоти за Политика.
Тој привлече внимание на фактот дека две третини од светската популација живее во земји со стапка на фертилитет под 2,1, како што е Србија, но оцени дека тоа не мора да биде проблем.
– Доколку подготвиме и воспоставиме правилни политики, опаѓањето и стареењето на населението нема да бидат проблем, туку можност да се изгради попросперитетен свет во кој секој ќе може да го исполни својот потенцијал – рече Мосоти.