Најмалку 20 лица се убиени, а 22 беа ранети откако тројца вооружени напаѓачи денеска упаднаа во кампусот на универзитетот во Кабул и почнаа престрелка со авганистанските елитни сили во траење од шест часа, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Авганистански медиуми јавуваат дека најмалку 10 од убиените се студенти.
Операцијата за расчистување сè уште трае, според портпаролот на министерството Тарик Аријан, јави германската агенција ДПА.
Откако влегоа во кампусот, облечени во воена униформа, напаѓачите зазедоа позиција на еден од факултетите и почнаа да разменуваат оган со авганистанските елитни сили со часови, изјавија очевидци.
Хеликоптери летаат над кампусот, а одвреме-навреме се слушаше звук на спорадични експлозии и престрелки.
Американски воен претставник потврди дека мисијата „Одлучна поддршка“ предводена од НАТО обезбедува поддршка на авганистанските безбедносни сили за време на операцијата, но одби да даде специфични детали.
Стотици студенти, професори и административен персонал на универзитетот бегаа преку sидовите на комплексот, додека стотици други беа спасени од безбедносните сили, според официјалните лица и очевидците.
Напаѓачите пукаа кон студентите кои бегале кон просториите во кампусот.
– Пукаа во сите студенти кои ќе ги видеа, изјави очевидецот Фатула Моради, кој појасни дека со група пријатели успеал да побегне преку еден од излезите на кампусот.
Талибанските борци тврдат дека не стојат зад нападот, а засега за него никој не презеде одговорност.
Авганистанските медиуми јавија дека денеска на Универзитетот се одржува авганистанско-иранскиот саем на книгата и дека кога почнала престрелката, во кампусот имало неколку функционери, меѓу кои и иранскиот амбасадор во Авганистан.
Претставникот на НАТО во Авганистан Стефано Понтекорво го осуди нападот.
– Ова е втор напад врз образовна институција во Кабул во десет дена. Авганистанските деца и млади мора да се чувствуваат безбедни додека се образуваат, порача тој.
Минатиот месец, 24 лица, претежно студенти, беа убиени во напад на образовен центар во Кабул. Насилството го погодува Авганистан во време кога владата и талибанските преговарачи се состануваат во Катар за да постигнат мировен договор што ќе резултира со повлекување на американската војска.
Сања Костовска