Во Македонија се гине на работните места, велат од Здружението за заштита при работа

Сподели со своите пријатели

По повод 28 Април – Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) го презентираше Годишниот извештај за несреќи при работа за 2020 година. Целосниот годишен Извештај за несреќи при работа за 2020 година е достапен на следниот линк: https://bit.ly/3aN6OMB

Loading...

Според направените анализи, минатата година се случиле 152 несреќи при работа. Од нив 25 беа фатални. Така, стапката на смртни случаи при работа во Македонија изнесува 3,14 односно на секои 100.000 вработени, загинуваат 3 до 4 вработени. Стапката на смртни случаи при работа е речиси иста како во 2019 година, кога изнесувала 3.13.

„Доколку ја земеме за споредба Велика Британија, каде стапката изнесува околу 0.5, повторно можеме да констатираме дека Македонија има прилично висока стапка на фатални несреќи при работа. Во изминативе 12 години откако МЗЗПР води статистика за бројот на повреди и несреќи на работа евидентирани се над 400 луѓе кои загинале на работните места. Доколку тука ја додадеме и бројката на повреди, зборуваме за голем национален проблем на кој е неопходно системски да му се пристапи. Со други зборови, крајно време е на професионалците во струката да им се даде клучниот збор, наместо како секогаш досега на темата БЗР да се одлучува со политикантски пристап и од страна на партиските вработени во дел од институциите“, истакна Милан Петковски, претседател на МЗЗПР при презентацијата на Извештајот.

Споредено по градови, најголем број несреќи и смртни случаи на работните места во 2020 година се случиле во Скопје, по што следат Куманово и Кавадарци. Според дејности, минатата година најмногу несреќи имало во преработувачката индустрија и градежништвото по што следи јавната управа и одбрана.

Според направените анализи утврдено е дека најмногу смртни случаи имало во Петок, а исто така голем број на повреди имало и во Среда како ден. Гледано по месеци, Декември бил месецот кога се случиле најголем број на смртни случаи на работните места. Во летните месеци на 2020 година во споредба со претходната години има зголемување и на бројот на повреди, како и на бројот на смртни случаи на работните мести.

Добиените податоци за 2020 година укажуваат дека најголем број несреќи се случиле на лица на возраст помеѓу 45-54 години. Исто така, најголем број на несреќи со фатален исход има во оваа категорија на возраст. Според пол, бројот на смртни случаи спаѓаат исклучиво во категоријата мажи.

Еден од главните предизвици нотиран и во овој Извештај на МЗЗПР останува потребата од поттикнување на сите кои учествуваат во процесот на водење евиденција, прибирање и обработка на релевантни информации, да почнат да си ја работат нивната работа и да вложат максимален напор кон добивање на усогласени податоци за реалната состојба во областа на безбедноста и здравјето при работа.

„Ако ги додадеме и бројките на луѓе кои се заболеле или починале како последица од компликации од Ковид-19 веќе зборуваме за епидемија од заболувања на работните места. Очигледно дека некој сериозно потфрлил бидејќи ова не се само бројки, туку реални луѓе кои се повредиле или биле жртви. Потребно е да се извлече поука, а административците и институциите надлежни за БЗР не смеат и понатаму да ги игнорираат ваквите поразителни статистики. Потребно е многу повеќе да работиме на креирање на превентивната култура во безбедноста и здравјето при работа, а наместо намалување на казните за сите компании кои не ја почитуваат заштитата при работа, неопходно е зајакнување на казнениот систем во овој дел за да во никој случај не биде поисплатливо да се греши и плати казната“, потенцира претседателот на МЗЗПР, Петковски.

Loading...

Во спомен и слава на 25 загинати лица на своите работни места во 2020 година, МЗЗПР засади и 25 нови дрвца. Истовремено, Здружението ја реафирмираше својата иницијатива покрената во 2018 година за целосна реализација на проектот за создавање на најмалиот парк на светот.

Поддршка на настанот даде и ЈП „Паркови и зеленило“ кои ги обезбедија дрвцата, а на посебен настан своја поддршка во одбележувањето на Светскиот ден на БЗР даде и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Leave a Reply