Инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), надзорното тело на ОН, открија дека околу 2,5 тони природен ураниум исчезнале од либиското наоѓалиште кое не е под контрола на привремената влада.
Инспекторите на МААЕ „откриле дека 10 буриња со приближно 2,5 тони природен ураниум во форма на концентрати на руда на ураниум не биле на локацијата каде што требало да се складираат според тврдењата на либиската влада“.
Во соопштението се нагласува дека Агенцијата ќе спроведе натамошни активности за утврдување на околностите за исчезнувањето на ураниумот.
„Недостигот на информации за моменталната локација на нуклеарниот материјал може да претставува радиолошки ризик, како и загриженост за нуклеарната безбедност“, се вели во соопштението што го видел Ројтерс.
Во 2003 година, под тогашното водство на Моамер Гадафи, Либија се откажа од својата програма за нуклеарно оружје, а откако Гадафи беше соборен со бунт поддржан од НАТО во 2011 година, земјата беше изложена на континуирани конфликти.
Од 2014 година, политичката контрола е поделена меѓу ривалските источни и западни фракции, а последниот голем конфликт заврши во 2020 година.
Привремената влада на Либија, формирана на почетокот на 2021 година преку мировен план поддржан од ОН, требаше да трае само до изборите закажани за декември истата година, но бидејќи тие сè уште не се одржани, нејзината легитимност е оспорена.