Во Куманово утре ќе биде отворен првиот младински центар „Сакам да знам“ од страна на невладината ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување во соработка со Здравствениот дом – Куманово.
Како што информираат денеска од ХЕРА, центарот ќе нуди бесплатни и доверливи услуги за младите, поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје и права, како и простор за младински активизам.
– Младинскиот центар „Сакам да знам“ во Куманово, кој ќе функционира во рамките на локалниот Здравствен дом, се отвора по примерот на постојните два младинските центра „Сакам да знам“ на ХЕРА во Скопје кои постојат повеќе од 15 години. Препознаени од Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, овие центри најмногу ги користат младите: секоја година, меѓу 2 500 и 3 000 млади, вклучително и млади од социјално исклучени групи, добиваат доверливи и бесплатни услуги од областа на сексуалното репродуктивно здравје и права, велат од ХЕРА.
Новиот младински центар, инаку прв од ваков тип во Куманово, ќе го отвори градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, а свои обраќања ќе имаат и д-р Румена Ѓердовска-Којчески, претседателка на Управниот одбор на ХЕРА и директорот на Здравствениот дом во Куманово, Фарук Алили.
Младинскиот центар во Куманово ќе биде лоциран на ул. Бранко Богдански – Гуцман, кат 2 во амбулантата „Гоце Делчев“.
Никола Ивановски