Во Каиро во сабота ќе биде организирана „Парада на фараонот“, при што 22 мумии на кралеви и кралици на антички Египет ќе бидат пренесени од музејот во Каиро, каде што се повеќе од еден век, во Националниот музеј на египетска цивилизација (NMEC)
Мумиите ќе бидат изложени во NMEC, огромна модерна зграда што треба да се отвори во средината на април.
На „Парадата на фараонот“, што започнува во сабота во 18 часот, ќе учествуваат 22 кралски мумии, од кои 18 кралеви и четири кралици, и се очекува да трае околу 40 минути под полициски надзор.
На чело на поворката ќе биде фараонот Секененре Тао (16 век п.н.е.) од 17-та египетска династија, додека на крајот на поворката ќе биде Рамзес IX (12 век п.н.е.) од 20-та династија. Познати на пошироката јавност, Рамзес Втори и Хатшепсут исто така ќе бидат дел од „златната парада на фараоните“.
Настанот ќе биде проследен со музички настапи кои ќе бидат пренесувани во живо на египетската телевизија.
Повеќето од овие мумии, откриени во близина на Луксор од 1881 година, не го напуштиле египетскиот музеј од почетокот на 20 век. Од 50-тите години на минатиот век, мумиите се изложени една до друга во мала просторија, без јасни музеографски објаснувања.
Мумиите ќе бидат презентирани индивидуално покрај саркофазите, во амбиент кој потсетува на подземните гробници на кралевите, а ќе биде истакната и биографијата за кралевите.
„Мумиите ќе бидат прекрасно претставени за прв пат, за едукативни цели. Не поради сензационализам”, изјави за францускиот печат египетологот Захи Хавас.
Египет се обидува да ги врати туристите со промовирање на NMEC или Големиот египетски музеј (ГЕМ) во близина на пирамидите во Гиза, што треба да се отвори во наредните месеци.
Под хаштагот на арапски јазик #проклетството на фараоните, многу корисници на интернет ги поврзуваат неодамнешните катастрофи во Египет со „проклетството“ поради трансферот на фараоните.
Египет имаше блокада на Суецкиот канал за една недела, железничка несреќа во која загинаа 18 лица на југот на земјата, додека најмалку 25 лица загинаа при уривање на зграда во Каиро.
„Проклетството на фараонот“ беше споменувано во печатот во дваесеттите години од минатиот век по откривањето на гробницата на Тутанкамон, бидејќи членовите на археолошкиот тим, наводно, починале под мистериозни околности.