Во Градски парк во Скопје ќе се гради „Кинески ѕид“

Сподели со своите пријатели

На локацијата каде што сега се наоѓаат бараките на Град Скопје во Градскиот парк, наскоро може да никне градежно чудовиште високо сто метри.

Loading...

Наместо да се изгради планираниот паркинг за посетителите на паркот, на градежната парцела со површина од 6.104 метри квадратни сега е предвидено да се издигне хотелски комплекс со дополнителни комерцијални намени на објектот, јавуваат медиумите.

Од македонската Влада, овој нов „Кинески ѕид“ е именуван како „објект од посебен интерес“, со што ингеренциите на општина Центар и на граѓаните за да реагираат околу изградбата на вакво градежно чудовиште им се одземени.

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски го праша премиерот Никола Груевски дали посебен интерес за него е изградбата на хотел од 100 метри во Градскиот парк.

„На 21 јули, во текот на летните одмори, Владата донела одлука дека земјиштето позади нас, на кое се наоѓаат бараките на Град Скопје, се прогласува како земјиште за градби од посебен интерес. По истиот криминален метод како со парцелите на ПУИГ, Владата си ја присвојува оваа атрактивна парцела во паркот со димензија од 218 метри должина и 28 метри ширина“, изјави Жерновски. Тој посочува дека на земјиштето не се планира изградба на обичен хотел, туку на градба долга и робусна како Кинескиот ѕид.

Од Министерството за транспорт и врски излегоа со контрадикторна реакција на тврдењата на градоначалникот Жерновски. Во соопштението тие најпрво ги демантираат тврдењата дека ќе се гради објект со висина од 100 метри на местото на кое се наоѓаат бараките на Град Скопје, повикувајќи го првиот човек на Општина Центар да излезе со конкретен доказ. Веќе во следниот параграф се наведува:

„Жерновски денеска на прес конференција излезе со тврдење дека Владата на Република Македонија планира уништување на зеленилото во Градскиот парк со наводната изградба на 100 метарски објект, а всушност посочи кон бараките во кои е сместена администрацијата на Градот Скопје, што претставува изградено и реализирано градежно земјиште, а не парк и зеленило“.

извор: билд.мк

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.