Во дивината останале само 12 азиски гепарди

Сподели со своите пријатели

Само 12 азиски гепарди останале во дивината во Иран во споредба со околу 50 единки кои живееле таму во 2017 година, предупреди заменик министерот за животна средина, оценувајќи ја ситуацијата како многу критична бидејќи се работи за загрозен вид на кој му се заканува исчезнување.

Loading...

„Во моментов, имаме само девет мажјаци и три женки од азискиот гепард во Иран, во споредба со 100-те што живееле овде во 2010 година“, рече Хасан Акбари.

„Мерките што ги презедовме за зголемување на нивната заштита и поттикнување на репродукцијата, но и поставувањето на патокази и сообраќајни знаци не беа доволни за да се намали нивната ранливост“, изјави Акбари за новинската агенција Тасним.

Еколошките здруженија велат дека најбрзото копнено животно во светот, кое може да достигне брзина од 120 километри на час, е жртва на суша, прекумерен лов, уништување живеалишта и недостиг на храна, а многумина се прегазени од автомобили, особено во пустината во централен Иран каде што обично живеат.

Иранското здружение за заштита на гепарди објави дека денес единствените преостанати живеалишта на овие прекрасни диви мачки се засолништето за диви животни Миандашт и биосферниот резерват Туран во североисточен Иран.

Азиските гепарди некогаш живееле на пасиштата на Индија, Пакистан, Русија и на Блискиот Исток, но и таму се целосно истребени. Во Иран останале само неколку.

Овој вид гепард е малку поинаков од оној што живее во јужна Африка, но тие практично исчезнале од Северна Африка и Азија.

Подвидот „Acinonyx jubatus venaticus“, попознат како азиски гепард, е критично загрозен, предупреди Меѓународната унија за зачувување на природата.

Loading...

Иран, една од последните земји во светот каде живее во дивината, започна програма за зачувување поддржана од Обединетите нации во 2001 година.

Фудбалската репрезентација во 2014 година ги украси своите дресови со слики од азискиот гепард по повод Светското првенство.

Иранската влада беше критикувана од домашни и странски експерти кога револуционерниот суд затвори најмалку шест експерти за животна средина во ноември 2019 година, членови на персиската фондација за наследство на дивиот свет, локална фондација фокусирана на заштита на биолошката разновидност, особено на азиските гепарди.