Во Белорусија започнаа руско-белоруски воени вежби

Сподели со своите пријатели

Воените вежби на руско-белоруските воздухопловни сили започнаа во понеделникот во Белорусија, сојузникот на Русија, во екот на руската офанзива против Украина, објави официјален Минск и тврди дека вежбите се од „одбранбен“ карактер.

Loading...

Воените вежби се одржуваат додека Москва се обидува да го вклучи Минск во својата воена операција против Украина, велат некои набљудувачи, а Белорусија веќе служеше како позадина за руските сили кога ја започнаа нивната инвазија во 2022 година.

„Од 16 јануари до 1 февруари 2023 година на белоруска територија ќе се одржат тактички воени вежби на воздухопловните сили на Белорусија и Русија“, соопшти белоруското Министерство за одбрана.

На овие воени вежби ќе учествуваат сите аеродроми и сите полигони за обука на воздухопловните сили и воздушната одбрана на белоруската армија, се наведува.

„Главната цел на оваа вежба е зајакнување на оперативната компатибилност“ на двете армии, додаваат од Министерството.

Припадници на руските воздухопловни сили во последните денови пристигнуваат во Белорусија на воени вежби, соопшти Министерството, без да прецизира за колку луѓе станува збор.

Во октомври Минск најави формирање на заеднички сили со Русија, а потоа неколку илјади руски војници пристигнаа во соседна Белорусија.

Тоа распоредување ги зголеми стравувањата дека белоруската армија би можела да биде вклучена во офанзива против Украина.

Loading...

Руските војници извршија напади од белоруска територија кога ја започнаа својата агресија врз Украина во февруари 2022 година, но белоруската армија не учествуваше во борбите на украинска територија.

Воените вежби се „целосно одбранбени“, изјави во неделата Павел Муравејко, првиот заменик државен секретар на Советот за безбедност на Белорусија.