Во антикорупциска акција во Израел уапсени соработници на Нетанјаху

Сподели со своите пријатели

Израелската полиција денеска уапси членови на раководството на телекомуникациската компанија „Безек“, меѓи кои се и двајца „многу блиски“ соработници на премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху.

Во полициското соопштение се посочува дека во антикорупциската акција се уапсени „одреден број високи раководители“ на компанијата „Безек“.

Апсењето на раководтелите на „Безек“ следува помалку од една недела откако израелската полиција предложи да биде покренато обвинение против Нетанјаху за два случаи на примање поткуп.

Нетанјаху од своја страна ги отфрли таквите обвинувања како неосновани и ги одби барањата на опозицијата да поднесе оставка.

Тој нагласи дека неговата Влада останува стабилна и дека ќе продолжи да управува со земјата до крајот на својот мандат.

– Сакам да ве уверам дека коалицијата е стабилна. Ниту јас, ниту кој било друг, нема намера да оди на избори. До крајот на мандатот ќе продолжиме да работиме заедно со вас за доброто на граѓаните на Израел, изјави Нетанјаху во телевизиското обраќање до нацијата по објавувањето на полициското барање за покренување обвинение против него.

Според израелските медиуми, полицијата го сомничи Нетанјаху дека примал подароци од бизнисмен и дека направил договор со еден израелски издавач на весници за намалување на медиумската конкуренција, во замена за позитивни текствови за Владата во неговите изданија.

Во врска со овие сомнежи на почетокот на 2017 година Нетанјаху во неколку наврати беше сослушуван од полицијата./МИА


Leave a Reply