Градските власти на Москва им понудиле на најмалку две големи градежни компании профитабилни договори за градба во замена за неколку десетици нивни работници да бидат испратени на украинскиот фронт, пишува рускиот опозициски весник „Верстка“.
Ова, велат, го изјавил извор во една од московските градежни компании, а го потврдил и соговорник од градежната индустрија во Москва.
Изворот, како што пренесува Верстка, рекол дека од кабинетот на градоначалникот е добиена инструкција до крајот на август да се обезбедат најмалку 30 доброволци, додавајќи дека и повеќето градежни компании во Москва ја добиле истата инструкција.
Друг соговорник прецизира дека знаел за слична понуда испратена до еден од големите градежници во главниот град.
Според него, не се работело толку за понуда, колку за условување на нивните работници во замена за можноста сепак да добијат договори од градските власти.
„Да, така е. Тие нудат договор со Министерството за одбрана во замена за договори со Москва. Станува збор за волонтери кои ќе одат на фронтот како воен персонал, а не како градежни работници на окупираните територии“, рече еден од соговорниците на споменатиот весник.
На соговорниците на „Верстка“ им беше тешко да одговорат на прашањето дали станува збор за ултиматум и велат дека за санкциите за одбивање на „понудата“ сѐ уште не се разговара отворено.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.