Власта ќе го пролонгира законскиот рок за легализација на дивоградби

Сподели со своите пријатели

Владата по втор пат за помалку од пет години, на граѓаните ќе им овозможи да поднесат барање за легализација на бесправно изградените објекти, согласно законските измени со кој се предлага до 31 март 2016 година да се продолжи рокот на поднесување на барања за легализација на дивоградбите, додека оние што веќе имаат поднесено барање ќе можат да ги достават своите геодетски елаборати најдоцна до 31 декември 2016 година, јавува порталот Билд.

Loading...

Според министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, услов за поднесување на легализација за објект е тој да биде изграден заклучно со 3 март 2011 година.

Предложените законски измени до парламентот овозможуваат и можност за легализација на дивоградби што се изградени на приватно земјиште. Сопственикот на објектот ќе може да го легализира изграденото доколку во моментот на изградбата на објектот земјиштето било во сопственост на Република Македонија. „Во овој случај измените предвидуваат заштита на правата на сопствениците на земјиштето преку обештетување од страна на лицето кое го легализирало објектот. Исто така, сопственикот на земјиштето или неговите наследници имаат право да побараат надомест за земјиштето без временско ограничување и доколку во рок од 20 години сопственикот на земјиштето побара надомест на земјиштето, тогаш ќе се земе предвид пазарната цена на земјиштето во моментот на поднесување на тужбеното барање“, пренесува Билд повикувајќи се на изјавата на  Мисајловски.

Со измените се дава и можноста да се легализираат објекти изградени на државно земјиште со право на користење на други физички или правни лица, без да се заверува изјава на нотар за тоа колку време го користат земјиштето.

За сите овие владини предлози ќе треба допрва да се изјаснат пратениците во Собранието на Р.М.

Извор: Билд.мк

фото: Јустиција.мк