Актерката Весна Петрушевска – Бејби е лауреат на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија 2025“.
Таа ќе ја добие наградата Васил Иљоски за особен придонес во промоција на театарската уметност, особено во делот комедија.
Како што рече денеска директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“ кој е организатор на фестивалот, Сашо Тодоровски, се е подготвено за фестивалот. Годинава ќе започне на 24 септември и ќе има 11 претстави.
– Отворањето е со претставата „Госпоѓа министерка“ на Театар Велес. Би сакал да се заблагодарам најпрвин на советот на фестивалот со кој заедно селектиравме 10 актерски претстави, единаесеттата ќе биде традиционална кумановската, ќе се игра и веднаш после премиерата идниот ден, изјави Тодоровски.
Од пред неколку години, фестивалот традиционално ја доделува наградата Васил Иљоски, а годинава Советот одлучи таа чест да ја има актерката Весна Петрушевска – Бејби, која животот го има посветено на театарската уметност.
Како што вели, многу ретко се случува некој да ѝ подари нешто, а особено е среќна што ја добива во градот од кој потекнуваат нејзините баба и дедо.
– Се борам, како што верувам се бори и овој совет тука, да ги даруваме луѓето и да им дадеме значење додека се живи, да не ги пропуштаме работите коишто се многу важни и луѓето и нивните дела. Кога ми се јавија вриснав, се некако јас сум научената да давам, а многу ретко ми се случува мене некој да ми даде и така некако целиот живот го поминав, а ова е еден од најголемите фестивали на Балканот и тој има меѓународен карактер, рече Петрушевска.
Вели дека е реткост награда за животно дело да се даде на жена во Македонија и тоа ѝ е особено драго, бидејќи вели на жените им е десетпати потешко да бидат на сцена.
– Кога наградата ќе дојде во вистинските раце особено кога ќе дадете лауреат за животно дело на жена во оваа држава и тоа е многу, многу е важно. Верувајте затоа што на жените им е десетпати потешко да бидат на сцена затоа што имаме неколку улоги, освен тоа што треба да бидеме одлични актерки, мора да бидеме одлични колешки и мора да бидеме добри мајки, мора да бидеме присутни во секоја општествена норматива, така да јас многу се радувам, башка што сум јас под баба и по дедо кумановка на тоа потекло многу се радувам и многу се фалам затоа што Куманово на мене барем ми е слабост и тоа често знам и да го повторам, додаде Петрушевска.
Реализацијата на фестивалот и годинава се одвива со покровителство на Министерството за култура со 800.000 денари и 400.000 денари од Општина Куманово.
Како што истакнаа и директорот Тодоровски и Петрушевска, тоа се малку пари за било кој фестивал и упатија апел во годините што следуваат таа сума да се зголемува.
– Тоа се премалку пари за организирање на фестивал со 11 театарски претстави, ние секоја година се бориме да кажеме дека ни се потребни уште пари, секогаш прашуваат зошто. Луѓето кои се од култура и фестивалска дејност разбираат дека ни се потребни најмалку два до два и пол милиони денари за да може се да се организира, за да не бараме спонзори, но постојатно се врти таа сума од милион и сто илјади денари. И покрај тоа се трудиме да имаме добра програма, 10 театарски претстави. Апелирам од идната година и општината да го стават како приоритет, вели Тодоровски.
Петрушевска пак истакна дека лично ќе лобира кај премиерот и министерот за култура затоа што вели „Куманово е наш град“.
– Се сеќавам секогаш кога сум доаѓала во Куманово имало полни сали, деца, публика, сите насмеани, ние насмеани луѓе сме кумановци, додаде таа.
Како што истакна Александар Крстевски од Секторот за култура при Општина Куманово, од година во година се даваат повеќе пари.
– Целиот буџет се дава на јавен повик и апликации. Почнавме пред три години со овој концепт со градоначалникот, од 200, 250, 300, сега 400 илјади денари, следната година се надеваме дека буџетот ќе ни биде поголем, бидејќи имаме сега и многу повеќе поддршка од централната валст, па се надеваме дека со заеднички сили овој фестивал верувајте дека ќе биде еден од најдобрите, рече Крстевски.
Акерката Владанка Крстевска, која е член на Советот на фестивалот, вели дека е среќна што фестивалот веќе 28 години се одржува во Куманово и откако знае за себе го памети фестивалот.
– Овој фестивал е радост за секој кумановец, за секој тинејџер и за секое дете, што за мене сметам дека е многу важно бидејќи основните работи се учат во театарот, затоа не би сакала да згасне или да изгуби од својот квалитет и затоа ми е многу драго што имаме ваква можност ние помладите да сме вклучени активно во задржувањето на традицијата на овој фестивал и многу ми е драго што Весна оваа година е наш лауреат, изјави Крстевска.
Инаку освен македонски, на фестивалот ќе настапат и театри од Србија и Бугарија.
Никола Ивановски