Верниците денеска го празнуваат Свети Никола

Сподели со своите пријатели

Свети Никола или Свети Николај Чудотворец, архиепископ Мирликиски се смета за заштитник на морињата. На христијанските бродови обично се наоѓа иконата на светителот, а спроти денот на славењето бродовите застануваат каде и да се наоѓаат, се фрла сидрото во морето, морнарите ќе се помолат и ќе прославуваат цел ден, а утредента ќе го продолжат пловењето. На иконите Свети Никола се претставува со својата архиерејска одежда.

Loading...

Во Република Македонија, празникот Свети Никола се слави на 19 декември и на 22 мај како Свети Никола Летни.

Св. Никола е заштитник на градот Прилеп, согласно одлуката на општина Прилеп. Градот Свети Николе на овој ден го прославува својот градски празник, а голем број кумановци исто така го празнуваат празникот како семејна или домашна слава.

Култот на Св. Никола е познат од VI век, а најстарото житие за него потекнува од IX век. Важел за заштитник на целото население и од целиот свет, поради што високо го ценат сите христијани. Од истите причини на овие простори во минатото го почитувале и Турците, кои што како што стои во некои записи го викале „Ад’рбаба”, што значи јадар татко или голем татко.

Се верува дека луѓето ги штител од секакви неприлики, но сепак во народното предание најповеќе е запаметен како господар на водите, на морињата, а со тоа и заштитник на корабите и на патниците што патувале со нив. Затоа, пред него се молат особено оние што тргнуваат на пат по вода. Во македонските народни преданија се раскажува дека еднаш кога патувал по вода бродот потонал, а тој шест недели поминал на една штица.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Мицкоски: Ќе растат платите на сите вработени, но нема да растат платите на функционерите

За цело време се молел на Бога да го спаси, а Господ не само што го спасил, туку затоа што бил исполнет со верба кон Бога и што го молел го назначил за заштитник на морепловците. Во таа смисла Марко Цепенков запишал дека „Свети Никола је на морињата – да варди луѓето од талазите на морето да не се удаат”.

Стефан Тановиќ, пак во записите на обичаи и верувања од Гевгелиско на едно место забележал дека овој ден се празнувал “поради дождови и поплави”, а на друго место дека го празнувале рибарите и морепловците, дека секогаш бил на вода и ги држел клучевите од седум извори за да не се удават луѓето, зашто кога би ја пуштил водата сите би се удавиле.

На Дојранското Езеро, на овој ден рибарите не влегувале во чуновите, а и во Солунскиот залив престанувал сообраќајот. И Е. Спространов во обичаите од Охрид забележал дека Свети Никола бил тој “шо и поиљвит морињата. Тога, каде да се најт гемија или пампур останвит таму макар, стрет море да је, ќе се заприт и ќе го држит (ќе го празнуват). Свети Никола е фенерлија, праит чудесиј”.

Loading...
ПРОЧИТАЈТЕ И:  На овие места во Македонија има и над половина метар снег

Во македонските народни песни Св. Никола е опејан како “стар свети Никола” кој може да го одмрзне и замрзнатото море, но и кој гради цркви и манастири: “Цркви гради стар свети Никола, /градил ги е од злато и сребро”. Стиховите, пак, од оваа песна во кои Св. Никола и се обраќа на златната рипка од дното на морето: “сребро, злато, цркви ќе дограда,/бесцен камен у олтар ќе става,/тебе рипке, курбан ќе те колам”, се во врска со обичајот да се јаде риба на празникот (особено на зимскиот прзник кој спаѓа во Божиковите пости) како и со обичајот во некои места за курбан да се готви риба-крап.

И во песната од зборникот на браќата Миладиновци се пее за делбата меѓу четирите светци: Св. Илија, Св. Никола, Св. Јован и Св. Петар: “На свети Никола што му паднало?/ Паднало му води и бродови, / му паднаа гемии по море, / он да имат, он да и повељат”.

И во прозните народни умотворби еднаш се раскажува како Св. Никола ги помага сиромасите, друг пат како добил два празника во годината. Така на пр. во една приказна запишана од ѓаконот Јосиф, од манастирот Пречиста Кичевска, објавена во цариградскиот весник “Новини” кон крајот на минатиот век, се раскажува дека едно време другите светци му завиделе на св. Никола затоа што многу бил почитуван и се поплакале на Бога. Бог ја примил поплаката и веднаш испратил два ангела да го повикаат св. Никола. Тие откако не го нашле по небото и по земјата го здогледале во стреде море како крепи една гемија готова да потоне. Му ја пренесле заповедта, а тој ги замолил да му помогнат да ја извадат ѓемијата на суво. Виделе-не виделе ангелите му помогнале, а потоа така накиснат и со искинати алишта го одвеле пред Господа.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Мицкоски: Ќе растат платите на сите вработени, но нема да растат платите на функционерите

Тука во тој момент биле собрани и сите светци што се оплакувале на него. Господ само ги погледнал и ништо не рекол, а тие од погледот разбрале дека ако сакаат да бидат почитувани како свети Никола треба да прават добри дела како што правел тој. Тогаш, се вели во оваа приказна, Господ заповедал за сите светци да има по еден ден во годината, за свети Никола два, а за преподобниот Касијан кој најмногу го кодошел на четири години еднаш да му се празнува денот на 29 февруари.